Тања Балаќ со изложбата „Просторни дистанци“ во Виена

44

Најновата изложба на пастели на македонската уметница Тања Балаќ, под наслов „Просторни дистанци“, ќе биде отворена на 18 февруари, во Виена, Австрија. Делата досега се изложувани во Скопје и во Љубљана, а дел од нив и во Париз. Изложбата, според историчарката на уметност Конча Пирковска, претставува извесен додаток, суплемент на трагата, на остатокот, од претходната фаза, која стилски суптилно се прелеа од геометриски апстрактната, во новата репрезентативна, миметичка фаза.

– Репрезентациската функција во конкретниве пастели, во актуелната сликарска поетика на Балаќ колку што ни ја открива толку и ни ја сокрива смислата на репрезентираното. Низ видливото стилско прелевање и меланжирање меѓу геометриската апстракција и фигурацијата, како и колажирањето (аплицирањето на весниците), авторката синхронизирано ги удвојува и смислата и еманацијата на појавното, на репрезентираното. Она што се надоместува, она што го заменува отсутното, присутното го манифестира како можност за поинакво, за ново, дополнително присуство на знакот. За да го видиме знакот како метафора, како јазик, како писмо, не ни е доволно само присуството на ординарното видливо морфолошко средство што е вградено во структурата на сликите, туку неопходно ни е разграничувањето, разгатнувањето, токму на видливото, во кое е притаено невидливото, зашто тоа се наоѓа отаде доминантната морфологија, зад појавното, зад манифестното – вели Пирковска.

Низ личното, интимно сеќавање со внатрешната, одмерена емотивна дистанца, Балаќ се обидува (наспроти современите глобалистичко-плуралистички визуелни технолошки трендови) во напуштените, осамени урбани и пејзажни предели да ги всели, да ги вдоми разнородните заборавени или избришани културни артефакти од нашата колективна меморија.

– Бавното темпо на лапидарното наративно дејство во сликите на Балаќ се случува во некој друг, нам познато-непознат далечен, речиси романтичарско-митски хронотопски контекст. Во најголемиот дел од пастелите, со аплицирањето на различните мотиви на колажите, низ своевидното повторно цитирање, реакцентирање и дијалогизирање со нејзините претходници, како и со различните кадрирања, во пејзажните предели се сместени фрагменти од антички скулптури, од кинематографски секвенци, како и од сликарски фрагменти што ја симулираат поетиката на ренесансно-барокните мајстори. Оттука може да се заклучи дека, зад целата актуелна сликарска серија, авторката ни ја презентира идејата на нејзиниот сликарски дискурс како репрезентациски инструмент, кој е еден вид алузија-илузија на видливото и нартивното, зашто таа ја знае визуелната формула, дека токму во појавното, во феноменолошкото, лежи криптичното, кодираното, неразгатливото – додава авторката на текстот од каталогот.