„Сè што ни е заедничко“ – меѓународна изложба во МСУ

229

Во Музејот на современата уметност – вечер од 20 часот ќе биде отворена меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“, во која најголем број од учесниците се уметници од регионот. Куратори се Мира Гаќина и Јованка Попова.

МСУ соопшти дека изложбата ја адресира несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост.

– Во состојби на нестабилност, одредени популации и групи страдаат или се обесправени во нивните општествени констелации и стануваат изложени на симболични и материјални насилства што резултираат со конфликти, транзиции, ограничувања и злоупотреби на трудот, миграции и егзодуси, родови нееднаквости и неправди. Доколку општата несигурност го означува она што сите ние го споделуваме, но, исто така, она што нѐ разликува и нè одвојува од останатите, дали можеме да пронајдеме практики што се насочени кон заедничко добро или да изградиме наша заедничка акција? – наведува Музејот на современата уметност во најавата за изложбата. 

Учесници од Македонија се: Жанета Вангели, Велимир Жерновски,  Христина Иваноска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Јане Чаловски, а покрај нив и Маја Бајевиќ, Ибро Хасановиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина, Ана Адамовиќ и Билјана Џурџевиќ од Србија, Рената Пољак од Хрватска, Иштван Ист Хузјан од Словенија, Албан Муја и Флака Халити од Косово, Мариа Пападимитриу од Грција,  Ахмет Огут од Турција и  Анри Сала (Албанија/Франција).