„Струшки вечери на поезијата“ денеска во Скопје

112
Зоран Анчевски

По синоќешното затворање на 57-то издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“ со меѓународното поетско читање „Мостови“ на Мостот на поезијата во Струга и со врачување на наградите „Златен венец“ на Адам Загајевски, „Браќа Миладиновци“ на Зоран Анчевски и „Мостови на Струга“ на Паули Тапио, денеска дел од неговата програма традиционално ќе се одвива и во Скопје.

Поетското матине во Матка ќе почне во 13 часот пред манастирот „Св. Андреја“, а Меѓународниот поетски митинг во 20.30 часот на плоштадот „Македонија“ кај Камени мост. Поетот и преведувач Зоран Анчевски годинашната наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби за најдобро поетско остварување меѓу два фестивала за книгата „Небесна пантомима“. Таа беше избрана на конкурс од 42 пристигнати поетски книги, од кои 41 ги исполнила условите.

„Небесна пантомима“ е поетско остварување на зрел и опитен поет, посочи жири-комисијата, а Зоран Анчевски изјави, меѓу другото, деновиве дека „Браќа Миладиновци“ за него претставува најголема награда, бидејќи Македонија нема национална награда од овој тип. -Уште подрага ми е бидејќи по толкугодишно работење на фестивалот и на пишување поезија, мојата осма поетска збирка конечно ја доби оваа награда – рече тој.