Струмичкиот театар со „Животинска фарма“ на МТФ „Војдан Чернодрински“

223

Трибина на тема „Ова е наше време! Време за театар“ се одржа денеска во рамките на 54 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ на која се дебатираше за естетско профилирање на театарот овде и сега, за стратегија за театар и за театарот и театарските фестивали денес, при што од одредени говорници беше посочено дека македонскиот театар е „жртва“ на партизација и политизација, дека нема домашни автори на фестивал кој е на домашната драматургија.

– Не е возможно да нема ниту едно име да понуди нешто ново. На некој начин е поразително, зашто најчесто нашите автори се „протуркани“ на мала сцена – посочи Борче Грозданов.

Лилјана Богојевиќ, од Хрватскиот народен театар од Вараждин смета дека во Македонија има добар театар, додека драмскиот писател Митко Бојаџиски смета дека ако драмата нема квалитет пишувањето е бесмислено, квалитетот спорд него да биде основа, но дека има поделба на „наши“ и затоа е многу разочаран, оти не успева најчесто да влезе во програмите.

Вечерва од 19.30 часот ансамблот на Струмичкиот театар во официјалната програма ќе ја изведе „Животинска фарма“ според Џорџ Орвел во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. По претставата ќе се одржат и разговорите на тркалезната маса, а од 23 часот е претставата во придружната програма „Елените проколнувањата“, дипломски испит на студентите од ФДУ од Скопје.