Струмица доби мурали на пречистителната станица за вода

481

Инспирирани од значењето на водата, впечатливите дела ги насликаа уметниците: Филип Конески, Маријан Димиќ, Драган Китановски-Драш, Блаже Атанасков и Ване Костуранов

Струмица доби нови мурали, насликани на ѕидот на градската пречистителна станица за вода, како дел од проектот што под наслов „Уметност и вода – магија на животот“ се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија. Автори на муралите се уметниците: Филип Конески, Маријан Димиќ, Драган Китановски-Драш, Блаже Атанасков и Ване Костуранов.

– Иницијативата за овој проект, чија цел е пречистителната станица и нејзината еколошка функција да добијат видливост во јавноста, особено меѓу децата, е на Бојан Пеливаноски. Овој објект, каде што се прочистуваат отпадните води, луѓето го примаат како сите обични индустриски објекти, а со муралите добива поголема видливост и привлекува поголемо внимание особено кај децата што сакаат шарени ѕидови, а тоа е можност да научат многу повеќе за значењето на водата. Поради тоа на презентацијата на муралите присуствуваа и деца од училиштата – рече Филип Конески на денот на презентацијата на насликаните делови од фасадата на објектот.
Тој најави и дека веќе постојат размислувања да бидат направени отворени денови за јавноста за да се видат објектот и насликаното.

– Темата за муралите на пречистителната станица беше водата, па се обидовме на различни начини да ја претставиме нејзината важност. Јас во моите дела се обидов да ја претставам водата и како симбол за прочистување во една поширока смисла. За мене беше голем предизвик да се работи на овие мурали, пред сѐ поради огромната површина што требаше да ја насликам. Сега кога се готови, можам да кажам дека ова се веројатно едни од најзначајните дела што сум ги создал. Уживав во процесот и дружбата со уметниците и среќен сум што имав можност да бидам дел од овој проект. Се надевам дека со тоа што ова се јавни дела ќе им ја доближиме уметноста на што повеќе луѓе, но уште повеќе се надевам и дека ќе придонесеме да се подигне свеста за природата и ресурсите што ги имаме и дека ќе научиме поодговорно да ги користиме – вели Ване Костуранов, кој на ѕидот од објектот ги наслика муралите „Прочистување“ и „Длабоко во ноќта“.

Тој е и авторот на еден од двата мурала на фасадата од градската библиотека „Феткин“ во Струмица, реализиран како дел од заедничка работа со ликовниот уметник Никола Пијанманов. Муралите од библиотеката беа создадени под инспирација од книжевни дела, муралот на Ване Костуранов според цитат од книгата „Малиот принц“, додека на Никола Пијанманов според цитат од „Старецот и морето“.