Списанието – темелник на современата македонска литература

114

„Современост“ одбележува 75 години

Првиот македонски државен празник во ослободена Македонија, 11 Октомври 1945 година, бил одбележан со многубројни свечености: концерти, приредби и митинзи. Кон нив се придружило и појавувањето од печат на првиот број на првото списание за литература, култура и уметност „Нов ден“ на македонски литературен јазик. Хроничарите овој литературен, издавачки и културен настан го имаат забележано со златни букви, зашто списанието, кое во исто време е врсник на слободата на македонскиот народ, паралелно станало и темелник на современата македонска литература.
Неговата појава се случи само четири месеци по усвојувањето на азбуката на македонскиот јазик и на Правописот на македонскиот јазик. Првите уредници немале дилема како да се вика првото списание на македонски јазик и во првата слободна татковина, затоа што сѐ тогаш било ново: и современата македонска држава, но и идните денови и дела што веќе забрзано и со восхит ги создавал македонскиот народ во својата конечно слободна татковина. Тоа се однесувало еднакво и на македонскиот литературен јазик, современата македонска литература и, исто така, својата историја, театар и уметност…

Оттука, првиот број на списанието „Нов ден“ бил пречекан со воодушевување и радост не само во круговите на новинарите, писателите и културните работници, туку и воопшто меѓу народот. Потврда за тоа е печатениот тираж од пет илјади примероци. Во првиот број објавува многу значајна статија Блаже Конески, со наслов „Проблемите на македонската литература“. Всушност, овој негов текст претставува прв Македонски манифест за нашата современа литература, со акцент дека македонската книжевност од почетниот период преку средновековната литература, заедно со современата македонска литература, претставува една заокружена литературна историја на нашиот народ.
Негови први уредници беа: Владо Малески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Димитар Митрев, Коле Чашуле, партискиот активист Киро Хаџивасилев и други. „Нов ден“ од 1947 година почна да го издава тогаш формираното Друштво на писатели на Македонија. За да се избегне појавениот судир со различни ставови, односно да се надмине слепото следење на политиката на раководството на ДПМ, се презел радикален чекор, било решено во 1950 година да престане со излегување, а на негово место да почне да се издава ново списание, надвор од ДПМ. По извршените подготовки, се појавил првиот број на новото списание за литература, култура и уметност „Современост“, а негов издавач е книгоиздателството „Кочо Рацин“.

Определбата е списанието да излегува во десет броја годишно, но како што минуваа годините, така се менуваа форматот и графичкиот изглед на изданието, но и бројот на страниците. Оваа и ваква динамика трае с8 до годината на осамостојувањето/независноста на нашата држава и до историската промена на општествено-политичкиот и економски систем во Македонија. Периодот на транзицијата (од 1991-та наваму) донесе и нови проблеми во редакцијата, кои се изразуваа во немањето сигурни и редовни средства за печатење на списанието, промена на неговиот статус и др. Но напорите на сите досегашни редакции секогаш беа насочени кон внесување нови рубрики и ангажирање што е можно поголем број свои соработници, внесување графички иновации и др. Во еден период списанието „Современост“ во секој број објавуваше и по една книга (излегоа вкупно седумдесетина наслови) со различен број страници, а нивниот тираж беше 1.300 броја. Списанието „Современост“ и денес сите отворени проблеми ги надминува со максимална ангажираност на редакцијата, задржувајќи го континуитетот на своето многудецениско излегување, а поддржано од Министерството за култура.

Мишо Китаноски