Со поезијата трагам по сопствената приказна

128

Сузана Д. Рулеска, поетеса

Поетесата Сузана Д. Рулеска од Прилеп последниве неколку месеци е добитничка на голем број меѓународни признанија за нејзиното творештво. Членка е на Клубот на литературни творци во Прилеп, со поезија е застапена во повеќе зборници, меѓу кои и зборникот „Треперење на душата“, издаден од Здружението на просветни работници на Македонија, збирката поезија „Мостови на пријателство“, „Скопјанката Света Мајка Тереза“, „Пауна“, „Пауна 2“. Лани од Здружението на просветни работници литературни творци ја доби втората награда во категоријата за необјавена поетска творба „Ќе нѐ има нас“ со патриотска содржина. Неодамна Рулеска беше дел од проектот „Свеж изглед“, кој се реализира на Фејсбук.
– Овој вид дружење уште повеќе нѐ зближи нас поетите. Штафетниот стих го добив од српската поетеса Јованка Јанчиќ. Тоа беа осум дена, осум песни, осум предизвици, осум поетски штафети. Поезијата е мојата мисла.

Симболиката што ја има во поезијата ни помага да станеме посвесни за себеси и за светот околу нас – истакнува таа.
По вокација е дипломирана новинарка, извесен период работела во печатени и електронски медиуми, а сега поезијата ѝ е секојдневие.
– Со поезијата го дополнувам внатрешниот порив за пишување. Наскоро планирам да издадам збирка поезија, сепак оставам на времето, со оглед на моменталната состојба на глобално ниво – најавува Рулеска.
За неа пишувањето е како сон недосонуван, трагање по сопствената приказна, што впрочем е и основен мотив во нејзините песни, низ кои се рефлектира и отсликува секојдневно патешествие.

– Виножитото од обоени чувства, таа разноликост, без разлика дали се позитивни или негативни, тие импресии од чувства, на својствен начин ги пренесувам до читателот. Во моите песни трагите од спомените се врежани, тие како да живеат. Но се стремиме кон посветла иднина. Мојот копнеж и моите мисли ги посеале мојата надеж и верба, оттука и инспиративниот мотив во мојата поезија. Пишувам песни и со духовна содржина – вели Рулеска.