Со „Илијада“ вечерва се затвора 58-то „Охридско лето“

50

За следната година ќе инсистирам на домашна продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин на овој фестивал, истакна селекторот на драмската Александра Ристоска програма, Александар Поповски

Александра Ристоска

Вечерва на сцената на Антички театар во Охрид, со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Словенечкиот народен театар СНГ-драма, Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија ќе заврши 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“. На годинешната завршна прес-конференција, одржана вчера во Охрид, директорката на фестивалот Сузана Вренцовска укажа дека летово беше реализирана богата уметничка програма, без ниту едно откажување.
– Се покажавме како добри домаќини пред околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот – рече меѓу другото таа.
– На наше задоволство, на сите уметници, независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња, учесници на фестивалот.

Секоја вечер секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на беспрекорна сценско-техничка организација. Со домаќинско работење и строго наменско трошење на средствата, но и со редовно сервисирање на обврските, годинешново фестивалско издание го завршивме со позитивно финансиско салдо. Тоа ми дава за право да речам дека „Охридско лето 2018“ е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните, кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот – рече Вренцовска.

Таа посочи и на статистичките податоци. Годинава се бележеше и зголемување на продажбата на билети, а онлајн-билети се купуваа од голем број земји од светот.

– Културните настани беа проследени во целост, понудивме ниски цени достапни за секого, за што повеќе луѓе да ги посетат. Следејќи ги светските текови, реализиравме преноси на настани во живо преку нашата веб-страница: концертот на Музичката младина на Македонија во црквата „Света Софија“ и свеченото отворање на фестивалот на Антички театар. Особено внимание му посветивме и на дизајнот на пропагандниот материјал, како и на маркетингот и на фестивалската промоција. Зад сето ова стои фестивалскиот тим, кој внесе огромна посветеност и професионализам, а фестивалот доби и нова брендирана билетарница за продажба на самиот кеј – рече директорката на „Охридско лето“.

– За следната година во програмата за инвестиции аплициравме со проект за монтажно гледалиште и монтажна сцена. Фестивал како што е „Охридско лето“ заслужува да ги има сите неопходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се одржуваат на многу места низ градот каде што има услови за тоа, најави Сузана Вренцовска, додавајќи дека и натаму ќе ја застапува иницијативата за концертна сала во Охрид.

Осврнувајќи се на музичката програма на „Охридско лето“, музичкиот селектор Васо Ристов истакна дека со понудената програма и ексклузивните уметници, Охрид повторно стана вистинска културна метропола како и досега, која привлече голем број посетители што доаѓаат од други земји, и тоа токму само заради годинешните ѕвезди и квалитетната програма.

– И оваа година нашите заложби беа фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски дена и успеавме во тоа. Доминантна беше класичната музика. Традиционално, имавме неколку ексклузивни проекти, на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се уметници по кои се паметат фестивалските изданија, меѓу кои Николај Лугански, великан од пијанистичката фела, потоа челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, тројцата од Русија, како и Александар Маџар (Белгија/Србија), исто така пијанист на неговата генерација – рече селекторот на музичката програма. Ристов нагласи дека особено задоволство е што најголемите ѕвезди на фестивалот, почнувајќи од спектакуларното отворање на 12 јули со сопранот Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану, настапуваа заедно со македонските национални оркестри.

– Оваа година публиката имаше можност да го слушне Антонио Серано од Шпанија, еден од најдобрите усни хармоникаши, кој настапи во пијано-придружба на Констанца Лехнер. Посебно уметничко доживување беше и концертот на светскиот секстет-акапела од Виндзор кастл, Велика Британија – додаде ме­ѓу­др­у-гото селекторот Васо Ристов.

Како дел од настаните што го обележаа ова издание тој ги спомена и концертите одржани во соработка со дел од амбасадите на странските земји во Македонија како и Вечерта на ЕУ.

– Стоечки овации, восхит и уште една одлична вечер за љубителите на добрата музика донесоа и уметниците од словенечкиот состав „Балкан нуево“, предводени од светски познатиот кларинетист од македонско потекло Горан Бојчевски. Тука е и прекрасниот концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Посебен предизвик беше изборот за концертот на 4 август, по повод роденденот на фестивалот, со групата „Синтезис“. Македонската опера и балет учествуваше со делото на Димитрије Бужаровски, „Радомировиот псалтир, оп. 47“ за два сопрана, тенор, бас, хор, детски хор и симфониски оркестар – рече меѓу другото селекторот на музичката програма.

Селекторот, пак, на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски, најави дека подготовките за следното фестивалско издание започнуваат веднаш по завршувањето на годинешното издание.

– „Охридско лето“ е еден фантастичен фестивал. За следната година ќе инсистирам на домашна продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин на овој фестивал. Кога јас студирав, главниот момент во сезоната доаѓаше на „Охридско лето“, каде што беа главните претстави, а потоа претставите започнуваа да играат на редовниот репертоар. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори – рече Поповски.

Тој посочи и дека постои идеја „Охридско лето“ да има своја продукција како фестивалот во Дубровник.

– „Охридско лето“ мора да има една претстава во сопствена продукција. Тоа ќе го направиме следната година – додаде селекторот на драмската програма.