Со изложби, музика, мода… вечерва се отвора „Скопје креатива 2018“

432

Фестивалот и оваа година носи звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии. Така, во МКЦ во случајов доаѓаат ексклузивни гости од регионот од повеќе творечки области, кои е планирано да одржат работилници и предавања во рамките на програмата

Со отворање на изложбите „7 пати до креативност“ (прототипи на „Мамка“ проект-дизајн на „Доминум“, на мебел-дизајните „Светлосна врска“ на Зарапчиев, „Едноставни линии“ на Рафаиловски, „Мондријан од наше маало“ на Гаков, мебел-дизајните од отпадно железо на Миневски), промоциите на „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски – ’Дневник’“ на Стеванов и група автори, новата стрип-ревија „Деветка“ на Стрип Квадрат, научнофантастичниот стрип „Неонски ноќи“ на Благојевиќ и Дукоски, „Бирократски лавиринти“ – рачно изработената книга на Ивановски и Димитрова… во холот, галеријата и катот на МКЦ, со кратка свечена церемонија и музичка програма вечерва во 20 часот почнува годинашниот фестивал „Скопје креатива 2018“, во организација на конгресниот центар „Александар Македонски“, а под покровителство на градот Скопје.

Следуваат и изложбата „Симболично поврзување“ со скулптури на Петрушевска, „Фотокопирница на љубовта“ – мултимедијалното претставување на „Арт еквилибриум“, „Тркалезни форми“, „Од традиција и фолклор до креативност и мултикултурализам, кукли во народни носии“ на Закева, Хисени и Трпчевска, „МемоАрх“ – интерактивната, едукативна изложба на Намичева, модните изложби и инсталации како „Ф“ – безродовата колекција на „Лудус“, „Во името на фалусот и срцето, јас сум човек“ – инсталацијата на Јовановска и Намичева, поставките на накит…

Фестивалот има за цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи. Преку развивањето вештини и интензивирање на соработката меѓу секторите култура и економија се тежнее да биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој.

– Од самото прво издание многу јасно, едноставно и комуникативно, беше предвидено дека фестивалот ќе се развива во насока на фестивал-платформа, кој ги поддржува креативните индустрии во Македонија, значи земја без развиена и едвај развиена мека индустрија, меѓутоа за да се испита потенцијалот и развојот на тој потенцијал од страна на нашите дизајнери и уметници што имаат чувство за применети решенија – вели Иванка Апостолова, програмска директорка на фестивалот.

Фестивалот и оваа година носи звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии. Така, во МКЦ во случајов доаѓаат ексклузивни гости од регионот од повеќе творечки области, кои е планирано да одржат работилници и предавања во рамките на програмата: Геерт де Таје од Белгија, фотограф, Тамара Николиќ Ѓериќ од Хрватска, етнолог и кустос, сопружниците Билјана и Братислав Бранковиќ од Србија, архитекти, Ралф Ѓони од Албанија, ПР и Иван Бркљач од Србија, претприемач.

Фестивалскиот форум за развој на креативните индустрии во Македонија е еден од најважните настани, а ќе се одржи на утре од 13 до 14.30 часот во киното „Фросина“ во МКЦ.