Снимајте филмови само ако чинот ве прави среќни

81

Почна форумот на „Македокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, Агенцијата за филм на Македонија и „Медиа деск МК“ деновиве го организираат првиот форум за копродукции на документарни филмови „Макекопродокс форум“. Поздравувајќи ги присутните претставници на филмските фондови, продуценти и автори, селекторката на „Македокс“, Петра Селишкар, рече дека форумот е еден од новите слоеви на фестивалот, со намера да се поттикне и воспостави копродукцискиот модел на продуцирање на документарните филмови, не само во нашата држава туку и во регионот. Форумот се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје.
Главна тема на 10-от „Македокс“ е филмската копродукција и во таа насока се организира форумот, но беше одржана и работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар. Учесниците на работилницата од 22 до 24 август во „Даутпашиниот амам“ имаа можност да ги разменат своите искуства, но и да стекнат нови низ разговорите со продуцентката Цисар.

– Целта на работилницата за копродукција беше да се откријат причините поради кои одредена идеја би требало да се реализира како партнерство со повеќе продуценти. Често има идеи што е подобро да се реализираат со еден продуцент, бидејќи апликациите за копродукција секаде се различни и секогаш се сложени, така што може да се искомплицира целата работа. На оваа работилница имавме интересна структура на учесниците. Од една страна беа докуникулците на „Македокс“, кои се млади и на кои продуцирањето и финансирањето на документарни филмови им се непозната област, а од друга страна имавме режисери и автори што имаа проекти во развој и сакаа да најдат нови копродуценти за своите филмови. По меѓусебното запознавање на сите учесници, отворивме дискусија од која мислам дека сите научија нешто ново за копродукцијата на документарни филмови – рече Јана Цисар.

Кулминација на првата половина на десеттото издание на „Македокс“ беше мастеркласот на Виктор Косаковски. На неконвенционален и луциден начин Косаковски зборуваше за состојбите во актуелното човеково општество, нагласувајќи дека во животинскиот свет има природен систем за егзистенција и опстанок, додека човекот ги создал атомската бомба, автоматската пушка „калашњиков“, концентрационите логори, дека луѓето ги усовршиле вештините на лажење, крадење и измама, а нивото на сензитивност и емпатија им паднало толку ниско што веќе ниту нечие убиство не поттикнува никакви емоции. Во однос на својата филмска работа, тој ги демонстрираше правилата по кои ги снима документарците.

– Не треба да снима филм некој што сака да раскажува приказни, туку тој што има талент да покажува приказни. Некој што не знае да гледа, односно што нема моќ да забележува детали, воопшто не треба да се занимава со филмската уметност. Ако некој со своите филмови сака да пренесува некаква порака што ќе го смени светот, тогаш тој е во заблуда, бидејќи филмовите не пренесуваат, туку покажуваат некаква порака – рече Косаковски.

На крајот ја откри својата причина за снимање документарни филмови. Покрај традиционалниот метод на снимање, кој содржи приказна, карактер и филмски јазик, авторот мора да создаде нешто што содржи магија, нешто што ќе го остави без здив, ќе го возбуди или вознемири додека го снима филмот.

– Снимајте филмови само ако самиот тој чин ве прави среќни – поентира Косаковски.
Првиот сегмент на форумот го опфати претставувањето на три филмски фонда од нашиот регион. Арбен Жарку ја претстави работата на Кинематографскиот центар на Косово, Сехад Цекиќ ја презентираше работата на Филмскиот центар на Црна Гора, додека Ана Василевска зборуваше за копродукциските активности на Агенцијата за филм на Македонија. Модератор на презентациите беше Бригид О’Шеј. На форумот присуствуваат и Хеле Хансен, комесар од Норвешкиот филмски институт, Лиза Ниед од „Скане“ (Шведска) и Сорен Тарп од Данскиот филмски институт. Пред учесниците на форумот тие ќе ги презентираат можностите на нивните фондови за поддршка на копродукциите на документарни филмови за продуценти од нашиот регион.

На првиот ден од форумот посебни термини за презентација имаше Мартичка Божилова, која зборуваше заб документарен центар и „Агитпроп“, додека македонскиот продуцент Атанас Георгиев и Лорен Кушнер од Документарниот филмски фонд од Сан Франциско (САД) зборуваа за соработката што ја остварија во промоцијата на најуспешниот македонски документарец оваа година – „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.