„Слово“ ја продолжува едицијата „100 словенски романи“

55

Досега, во рамките на овој проект, се објавени петнаесет романи од словенските земји во Македонија, а во исто време десетина македонски романи се објавени во словенските земји членки на Форумот на словенските култури

Во издание на издавачката куќа „Слово“ од Скопје, во познатата едиција „100 словенски романи“, проект на тринаесет словенски земји што соработуваат во рамките на Форумот на словенските култури, излезе од печат романот „Црнотурци“ од Хусеин Башиќ. Овој роман е на листата на избраните црногорски романи за споменатата едиција.
– Досега, во рамките на овој проект, се објавени петнаесет романи од словенските земји во Македонија, а во исто време десетина македонски романи се објавени во словенските земји членки на Форумот на словенските култури – вели Димитар Башевски, сопственик на „Слово“.
Форумот на словенските култури е меѓународна фондација посветена на воспоставувањето културни врски меѓу државите во кои се зборуваат словенските јазици. Основна цел на Форумот на словенските култури е меѓусебно претставување на традициите и културите на словенските земји, како и претставување на традициите и културите на словенските земји надвор од словенските граници. А тоа е можно по пат на презентација на словенските култури и држави на сите општествени нивоа, од институционалните па до личните. Целта на Форумот на словенските култури е зголемување на препознатливоста и присуството како основа за разбирање и заемно прифаќање.

– Со проектот „Сто словенски романи“, Форумот остварува интензивна литературна размена меѓу словенските народи, како и запознавање на несловенскиот свет со словенските литератури. Државите членки, со помош на реномирани стручњаци и партнерски институции, одбираат по десет романи објавени по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Единствен критериум за избор е уметничкиот квалитет. Притоа, нема ограничување од генерациски, естетски, идејни и какви било други бариери. Сепак, низ целиот проект се разменуваат искуствата од транзицијата, од напливот на глобализацијата и од остатоците од минатото. Нè чека возбудлива интелектуална авантура без предвидливи одговори – вели Башевски.
Романот „Црнотурци“, кој сега македонскиот читател го има во превод и може да ги види и да ги проценува неговите доблести, зборува за преселбите и бегствата на црногорските муслимани по 1878 година, односно по Берлинскиот конгрес, кога на Црна Гора ѝ се признава независност и на нејзино чело доаѓа кнезот Никола. Романот е ситуиран во реалната историја, но таа историја Башиќ ја претвора во приказна и, како што самиот еднаш рекол, на тој начин, преку приказната, животот продолжува и по смртта. На Башиќ му е близок магичниот реализам. Целата книга се движи меѓу сонот и јавето.

Хусеин Башиќ (1938-2007) е еден од најзначајните црногорски писатели, личност што со своето дело остави длабока трага во културата на Црна Гора, особено во културата на Бошњаците. Своето големо дело го почнал со поезија, за подоцна да го прошири на фолклорот и, особено, на романот како жанр. Меѓу најзначајните негови романи е „Туѓо гнездо“, објавуван во повеќе изданија и наградуван, потоа „Пуста врата“, циклусот романи „Замени 1-5“, „Црнотурци“ и др. Во своите дела, Башиќ ја прикажува животната драма на бошњачкиот народ, неговата судбина, неговата култура и традиција низ различни периоди и настани.