Славната Баиба Скриде солистка на Филхармонија

107

Симфонискиот концерт „Нов свет“ на Македонската филхармонија, на кој како солистка ќе настапи врвната виолинистка од Летонија, Баиба Скриде ќе се одржи в среда, на 8 мај, со почеток во 20 часот. Диригент на концертот е маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оваа вечер ќе биде изведена и една од најдобрите симфонии на сите времиња, Симфонија бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак.

Виртуозноста, музикалноста, искрениот пристап кон делата што ги изведува и силната љубов што ја манифестира кон нив ќе ја одведат виолинистката Баиба Скриде на сцените низ светот да настапува со едни од најзначајните оркестри и диригенти денес. За македонската публика таа ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во А-мол, оп. 77 од Дмитриј Шостакович, кој рускиот композитор му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.

Таа постојано добива покани за настапи како солист, а критиката за неа вели дека нејзините толкувања на музиката се свежи, современи, а нејзините изведби мошне чувствителни, во кои внесува радост. Скриде настапува со Берлинската филхармонија, со оркестрите на Лајпциг, Бостон и Чикаго, со Њујоршката филхармонија, со оркестарот Концертгебау, со Оркестарот на Париз, Лондонскиот симфониски оркестар, симфонискиот оркестар Шангај, Филхармонискиот оркестар на Хонгконг…, со диригенти како што се Марин Алсоп, Кристоф Ешенбах, Ед Гарднер, Сузана Mалки, Андрис Нелсонс, Василиј Петренко, Туган Сохиев, Симон Јанг… Баиба Скриде е реномирана и како камерна музичарка на светско ниво, а зад себе има и богата дискографија. Родена е во музичко семејство во Рига, каде што и ги започнала студиите. Во 2001 година ја освои првата награда на натпреварот „Кралица Елизабета“. Свири на виолина „страдивари“, која ѝ ја позајмува семејството преку меѓународното друштво за виолина „Беар“.