„Скопје пее“ – прв меѓународен хорски фестивал во Скопје

87

Од 29 до 31 август, во организација на Град Скопје и ЈУ „Универзална сала“, градот ќе биде домаќин на првото издание на хорскиот меѓународен фестивал  „Скопје пее“.

Десет хорови од земјата и странство, со своите изведби на добро познатите класични дела, но и џез, рок и современите композиции, на себе својствен начин, ќе ги спојат музиката, одморот, пријателството и забавата.

Свеченото отворање на фестивалот е закажано за в четврток во 21 часот на Школка во Градски Парк, каде скопјани и сите останати добронамерници и љубители на музиката и културата ќе имаат можност бидат дел од градскиот музички хепенинг наречен „Скопје пее“.

За в петок, фестивалот програмски ќе се вклучи во културните лета на општините Карпош и Аеродром. На Културното Лето „Карпош 2019“ на плоштадот „Делфина“ во Влае ќе настапат Машкиот хор од Пловдив, ХМД „Кочо Рацин“ – Скопје, Женскиот хор „Аурин“ од Кецкемет, Унгарија, ГМХ „Вардар“ – Скопје и Академскиот Женски Хор на Студентскиот Културен Центар во Ниш.

Како дел од „Back to School Week“ во Општина Аеродром, во паркот на езерата со почеток во 20.30 часот ќе настапат Женскиот хор Менада од Тетово, хорот „Хаџи Зека“ од Пеќ, Пензионерскиот хор „Серенада“ од Скопје, хорот „Славјанско Единство“ од Горна Ораховција, Р. Бугарија и хорот „Елегија“ од Општина Центар – Скопје.

Фестивалот „Скопје пее“ е првиот меѓународен фестивал на хорови и хорска музика кој се одржува во Скопје и идејата на фестивалот е да ја донесе музиката поблиску до граѓаните и да ја претстави хорската музика типична за концертните сали на некарактеристичен начин, на улиците и плоштадите на Градот Скопје.

За последниот ден од фестивалот од 20.30 часот, со настап на хоровите во објектот на Македонската филхармонија и официјално ќе се затвори првото издание на „Скопје пее“.