Скопје доби на подарок три светлосни дела

859

По завршувањето на „Скопје лајт арт дистрикт“

Овој фестивал е единствен од овој вид кај нас, и заедно со Лион, Амстердам, Хелсинки, Прага, Санкт Петербург, Берлин и други градови, со својот уникатен пристап на посетителите им нуди можност нивните згради, споменици, шеталишта и плоштади да ги видат во поинакво светло

Ана Опачиќ

Иако поминаа десетина дена од четиридневниот настан „Скопје лајт арт дистрикт“ на социјалните мрежи сѐ уште се споделуваат импресии. За разлика од лани, оваа година тројца уметници своите дела му ги подарија на градот Скопје. Станува збор за делото „Хајбериа“ на Марко Ковачиќ од Словенија, чии дела се наоѓаат во крошните во дрворедот на кејот, во чија близина остана исто така дело на Андре Бан од Португалија, „Гардинг д сансет“ – светлосна топка изработена од парчиња дрво, и делото на Матеј Бизовичар од Словенија, „Инфектид вит лајф“ кај езерцето во Градскиот парк.
Овој фестивал е единствен од овој вид кај нас, и заедно со Лион, Амстердам, Хелсинки, Прага, Санкт Петербург, Берлин и други градови, со својот уникатен пристап им нуди на посетителите можност нивните згради, споменици, шеталишта и плоштади да ги видат во поинакво светло.

– Директна инспирација за настанот беше фестивалот на светлината во Лион, град што е вмрежен со Скопје. Годинава имаме 26 уметници од државата и странство, поставени на 18 локации низ центарот на градот. Започнувајќи од „Куршумли-ан“ во Старата чаршија со светлосните бранови на Пол Фридлендер, преку кејот на реката Вардар и тамошните инсталации на светлосните уметници, сѐ до Градскиот парк и првиот натпревар во видеомапинг на фасадата на зградата МЦМ. Еден од главните предизвици е зголемување на степенот на вклученост на што поголем број граѓани, компании, уметници и уметнички друштва и установи, со намера фестивалот да постигне ниво на одржливост – вели Филип Аврамчев, директор на Универзалната сала и организатор на фестивалот.
Александра Стратимировиќ, уметничката директорка на фестивалот, вели дека Скопје е посебен град, со богата историја, каде што минатото и сегашноста се испреплетуваат на специфичен начин.

– Тоа ни беше насоката според која ги одбравме локациите за светлосни инсталации. Секое место е избрано со внимание според својата историја, местоположба и релацијата со уметничкиот концепт. Сакаме ги истакнеме посебностите на Скопје, да ги промовираме македонските уметници, но и регионалните. Во Словенија постои одлична плејада уметници што работат со светло. Соработуваме и со интернационални ѕвезди чии дела треба да се доживеат и во Скопје. Нашиот светлосен дистрикт е нешто посебно. Мобилен е, има потенцијал да порасне, да зазема нови форми, да се случува на неочекувани места – вели Стратимировиќ.
Според неа, фестивалот непосредно комуницира со публиката, а светлината е моќен медиум, па оттука и привлекол многубројна публика.
На фестивалот се претставија Давид Дољаница и Мирољуб Матовиќ од Србија, автори на делото „Светилник“, кое реферира на Бахтин, кој пишувал за идејата за карневалот и карневализацијата.

– Живееме во време каде што многу повеќе се внимава на самата форма отколку на содржината, фундаменталните вредности се релативизираат, дури и едвај можеме да се ориентираме во просторот и времето. Поаѓајќи од кој контекст, кој повеќе е мисловен, дојдовме до идејата за „светилникот“, како своевиден чувар и патоказ во општиот хаос – вели Давид.
Според Мирољуб, делото „Светилник“ пренесува порака, особено до младите, да ги отворат своите очи кон светилникот и да не дозволат до нив да допрат глобалните манипулации, тоа е и критика на потрошувачкото општество и апел да забавиме за да погледнеме каде сме стигнале и каде одиме.