Скопска премиера на „Отело“ во режија на Нина Николиќ

64

По првата премиера, која се одржа на 16 ноември на сцената во Босанското народно позориште во Зеница, БиХ, во Македонскиот народен театар на 4 декември, со почеток во 20 часот, ќе биде одиграна скопската премиера на претставата „Отело“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нина Николиќ. Овој меѓународен проект е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Босанското народно позориште во Зеница, БиХ, и „Перипетија продукција“ од Скопје, во кој играат актери од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.

Според драматургот на претставата, Тамара Барачков, третманот на класиката во современите театарски практики отвора простор за истражување на начинот на претставување на текстот на сцена, но и испитување, во контекст на овдешните состојби на клучните мотиви и проблеми со кои се занимава драмата.

– Ова читање на „Отело“ е карактеристично поради радикалниот пристап кон Шекспировиот јазик и стил, што е можеби најочигледната интервенција на текстот. Имавме цел да истражиме на кој начин и во која мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата. Така, јазикот стана оголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес. Сепак, во одредена мера, поетичноста е задржана само во начинот на говорот на Отело, што претставува уште една негова дистинкција, детаљ што го одвојува овој лик од другите. Исто така, со постапката македонските и босанските глумци да ги играат улогите секој на својот мајчин јазик, дополнително се развива поигрувањето со говорот, како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање. – вели Барачков.

Сценографското решение е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска, костимографка, на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.

Билетите за премиерата и следната изведба, која е закажана на 5 декември, се пуштени во продажба преку онлајн-системот и на билетарницата во МНТ.