Скапоценоста на парчето накит е во неговата приказна

162

Марта Пејоска и Биби Клекачкоска, дизајанерки

Марта Пејоска

Марта Пејоска

Изложба на современ накит, инспириран од дијатомеи, ендемски вид микроскопски синтетизирачки алги во Охридско Езеро, на дизајнерките Марта Пејоска и Биби Клекачкоска, е отворена во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Изложбата под наслов „Скриеното, чудесно“ е поставена во галеријата на Марта Пејоска. Станува збор за серија брошеви изработени во различни техники и материјали. Секое парче е производ на синергијата и заедничкото доживување на дизајнерките на одреден дијатомејски вид. Станува збор за лимитирана едиција од ексклузивни парчиња, секое од нив производ на долготрајна и темелна анализа.

– Охридско Езеро е едно од најстарите во светот и е наше непроценливо природно богатство. Изобилува со живот и е наша постојана инспирација. Овој пат одлучивме да нурнеме длабоко и да го направиме невидливото видливо. На наша голема радост, кога побаравме помош од стручните лица од Хидробиолошкиот завод во Охрид и од Институтот по биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, наидовме на широко отворени врати и купишта истражувачки материјали и фотографии. Се вљубивме во дијатомеите и тоа беше тоа. Сакавме да раскажеме за нив на еден поинаков јазик. Оваа изложба е само почеток на овој проект, кој едновремено е и наш скромен придонес кон зголемување на свесноста за нашето езеро и неговата важност и убавина – вели Пејоска. Двете дизајнерки имаат современ пристап кон традиционалната техника на изработка.

– Една од работите што нѐ поврзува е современиот пристап кон една традиционална техника, како што е филигранската, и постојаната потрага по нови форми и материјали со кои оваа древна техника би ја живеела својата сегашност. Во оваа колекција нашиот дизајниран накит се потпира на филигранската техника, меѓутоа во него е силно препознатлива амбицијата за современост кон што и двете индивидуално целиме сите овие години – додава Пејоска.

Биби Клекачкоска

Биби Клекачкоска е дизајнерка на накит со повеќе од две децении работно искуство. Препознаена како авангарден уметник на полето на дизајнот и изработката на накит, пионер на новиот бран на ревитализација и реинвенција на традиционалната филигранска уметност, вели дека постојано има желба да истражува нови техники, материјали и начини на спојување на некогаш навидум неспоивото.

– Имам неисцрпна желба да создавам свој јазик со кој ќе раскажувам за нештата што ми се интересни и возбудливи. Некогаш тоа е различна обработка на среброто, кое сѐ уште ми најблиско за работа, некогаш свилата на која цртам и пишувам, глина, чипка, волна, дрво… Во современиот накит нема ограничувања, па ја имам слободата да комбинирам. Скапоценоста на парчето накит се гледа во неговата приказна, концепт, чувствата што ги предизвикува кај носителот, сентименталната поврзаност, пораката што ја пренесува – објаснува Биби Клекачкоска.
Марта Пејоска ја има првата приватна уметничка галерија со ателје за современ накит и филигран во Охрид и Македонија.

– Начинот на презентирање на современи накит со изложување во галерија е долгогодишна практика насекаде во светот. Една уметничка галерија всушност претставува комплимент за делото како и за авторот што е изложен во неа. На мое големо воодушевување мојот простор наоѓа на многу голем интерес кај странската и кај домашната публика, а идејата да се поседува уникатно парче накит, специјално дизајнирано за клиентот станува сѐ попопуларно и кај нас – вели Пејоска. Нивното истражување на Охридско Езеро почна уште во 2013 година презентирано во рамките на групната изложба „Во синило те намамив“, во рамките на „Охридско лето“. Годинашниот проект „Скриеното, чудесно“ претставува продлабочена студија за она што се крие во длабочините на езерото.