Синдикатот на културните работници се закани со генерален штрајк ако не им бидат прифатени барањата

61

Синдикатот на културните работници се закани со генерален штрајк кој ќе започне на први октомври ако не им бидат спроведени нивните барања изнесени до Министерството за култура.

Како што информираат од Синдикатот, во четвртокот се одржал состанок на советот на СКРМ на кој биле разгледувани состојбите во културата, позитивните и негативните последици од спроведената нивелација на платите, како и динамиката со која се движат реформите во овој сектор.

– Мораме да нагласиме дека кај вработените од културата постои незадоволство поради многу неправилности во процесот на спроведување на нивелацијата како што е неоснованото покачување на коефициенти на сложеност кај одредени работни места што не се утврдени претходно, па дури и менување на називот на работните места за индивидуален профит. Исто така, нервозата кај нашето членство силно ја стимулира и фактот што новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата не е усвоен и е во процес на „тромава“ подготовка речиси две години. Законот требаше да биде усвоен одамна и со него очекуваме да се решат многу проблеми во работниот однос со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување на нов општ колективен договор во културата. Потсетуваме дека поради отсуството на колективен договор, речиси 15 години работните односи се нерегулирани, а културата е школски пример за газење на правата на сите вработени од страна на државата. Поради тоа,

Советот на СКРМ ги изнесува следните барања до Министерство за култура:

1.Барање за ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, со што, сите неосновани коефициенти ќе се вратат во претходната состојба.
2.Барање за итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата во чија суштина ќе бидат инкорпорирани потребите на вработените во институциите, како и потребите на независните уметници и културни работници. Не прифаќаме ригиден и неапликативен Закон кој единствено ја олеснува работата на Министерство за култура и Министерство за информатичко општество и администрација, а од друга страна го оневозможува функционирањето на културните и уметничките институции. Таков закон веќе постои, а штетите од истиот ги чувствуваме сите.
3.Барање за потпишување на колективен договор до 30.09.2019 година со почеток на спроведување од 01.01.2020 година и конечно решавање на проблемот со работните односи и платите во областа на културата кој егзистира веќе една и пол деценија – се вели во соопштението на СКРМ.

Уметниците и културните работници, како што велат, во изминативе две години станаа жртва на партиско – коалициски пазари и тоа придонесе за одолговлекување на процесот на реформи и продлабочување на децениските проблеми, наместо нивно решавање. Велат дека нивна должност е да се спротивстават на ваквиот маргинализирачки третман и да го зачуваат нивниот уметнички и стручен интегритет, како дејци на темелната вредност култура без која не може да постои ниту една држава.