„Силјан штркот шанца“ во МНТ бесплатно на Светскиот ден на театарот

119

По повод Светскиот ден на театарот 27 Март, во Македонскиот народен театар од 21 часот бесплатно за посетителите ќе биде изведена претставата „Силјан штркот шанца“ од Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.

– За сите љубители на театарот кои сакаат да го одбележат овој светски ден во МНТ, ќе имаат можност оваа изведба да ја гледаат бесплатно, а билетите треба да ги подигнат еден час пред нејзиниот почеток, соопшти МНТ.

Пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани македонската и четири светски пораки по повод Меѓународниот ден на театарот.

Актерот Сашко Коцев ја напиша македонската порака за оваа година, а автори на четирите светски пораки се: Сајмон МекБарни, театарски и филмски режисер од Велика Британија; Маја Збиб, театарска режисерка, изведувач, писателка, коосновач на театарската куќа „Зукак“ од Либан; Рам Гопал Баџаџ, театарски режисер, театарски и филмски актер, академик, поранешен директор на Националната драмска школа, Делхи, Индија; и ВереВере Лајкинг Гнепо, мултидисциплинарен уметник од Брегот на Слоновата Коска.