Се одржа промоцијата на „Помеѓу“ од Валентина Бактијаревиќ

75
Фото: Игор Бансколиев


Промоцијата на поетската книга „Помеѓу“ на српската поетеса Валентина Бактијаревиќ се одржа вечерва во бифето на Младинскиот културен центар.

-Предолго те нема за да можам да верувам дека сум овде – одекнуваа стиховите на Бактијаревиќ.

На сцената можеа да се видат Владимир Мартиновски, Иван Шопов, Владимир Лукаш, Ѓоко Здравески, како и самата поетеса, кои покрај стиховите, направија и мал, своевиден перформанс.

-Песните од поетската книга „Између“/„Помеѓу“ од Валентина Бактијаревиќ, всушност, се впишуваат во една силна и смела поетска линија, соочувајќи нè со најголемата моќ на љубовта – да ги трансцендира границите меѓу смртта и животот. Книгата е сочинета од љубовни песни, во најубавата и најчистата смисла на зборот. Тие се топли, искрени и човечни лирски посланија до нејзината пријателка Калина Велевска, која близу до снежниот врв Кајмакчалан (прерано и трагично) го загуби животот во февруари 2018 година. „Помеѓу“ е сугестивна поетска книга за драгоценоста на искреното пријателство. Песните се облици на помнење на споделените мигови на пријателска блискост. Тие се обиди за нови средби со отсутната пријателка, обиди за нови разговори и нови дружења…- вели рецензентот на книгата Владимир Мартиновски.

Книгата е во издание на „Антолог“, а препевот од српски го направи Ѓоко Здравески.

Српската верзија на книгата својата промоција ќе ја има на 15 јуни во Ниш. Валентина Бактијаревиќ живее и работи во Ниш, меѓутоа редовно е активна и на македонската поетска сцена.