Се заштитува оригиналниот живопис од 14 век во Зрзе

156

Според уметничките квалитети на живописот, таа е една од најубавите и најстарите во прилепскиот регион, па и на Балканот. Црквата датира од втората половина на 14 век. Има прекрасен живопис и во внатрешноста комплетно е насликана

Прилепскиот завод и музеј ги заврши годинашниве едномесечни конзерваторски работи на фрескоживописот во црквата „Свети Никола“ во селото Зрзе, Долненско, на кој се работи неколку години. Црквата се наоѓа во подножјето на манастирот „Свето преображение“.

Благоја Атанасоски, директор на Заводот и музеј – Прилеп и раководител на проектот, вели дека црквата „Свети Никола“ во селото Зрзе потекнува од 14 век, не е многу голема, но е една од најзначајните архитектонски објекти според важноста и староста.

– Според уметничките квалитети на живописот, таа е една од најубавите и најстарите во прилепскиот регион, па и на Балканот. Црквата датира од втората половина на 14 век. Има прекрасен живопис и во внатрешноста комплетно е насликана. Живописот се одликува со високи уметнички и сликарски квалитети. Црквата е еднокорабна и е доградена во 16 век, најверојатно за потребите на населението. На конзервација на фрескоживописот се работи неколку години во фази. Првата беше санирање на механичките оштетувања, а во втората фаза се чистеше фрескоживописот. Оваа година ја почнавме третата фаза и ги завршивме едномесечните работи. Се ретушираа со боја оштетените делови. Не го пресликуваме живописот, но ги саниравме оштетувањата. На ова ќе работиме уште две години – објаснува Атанасоски.
Историчарката на уметност и конзерваторка-советничка Оливера Макриевска вели дека ѕидното сликарство е од неколку периоди, а најзастапено е делото на мајсторот Онуфриј, кој работел и на осликување на црквата „Свето преображение“ во манастирот во Зрзе.

– Ѕидното сликарство во црквата е од неколку периоди. Површински, најзастапено е делото на мајсторот Онуфриј, по потекло од Аргус, блиску до Костур. Работел и творел во првата половина на 14 век, во рамките на старите епархии на Охридската архиепископија. Се школувал во Венеција. Се смета дека ова се неговите најрани дела. Работел претежно на териториите на Грција, Албанија и на Македонија и оставил многу вредни дела, како што е, за наша среќа, во голем обем зачувано ова ѕидно сликарство во црквата „Свети Никола“ во селото Зрзе – нагласува Макриевска.
За да се заштити црквата „Свети Никола“ во Зрзе и да се санираат оштетувањата, в година таа треба да се препокрие. Последен пат е препокривана пред 25 години.
Црквата, всушност, е на патот до манастирот „Свето преображение“, кој се издигнува на бигорна карпа. Под манастирот се монашките ќелии, кои датираат од 9 век и се доказ за зачетоците на монашкиот живот на овие простори.