Се заштитуваат остатоците од античката населба Колобаиса кај Трескавец

49

Преку сумирање на резултатите, од теренските активности на археолошкиот комплекс Трескавец, може да се констатира дека е извршена неопходната прелиминарна конзерваторска заштита на откриените остатоци од градбите на античката населба Колобаиса, како и реализација на попродлабочени теренски истражувања за археолошките содржини во источниот сегмент од комплексот, на локалитетот Мала Порта

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, во соработка со Институтот за старословенска култура – Прилеп, го реализира проектот „Конзервација и реконструкција на откриените содржини од античката населба Колобаиса, Трескавец“, дел од Годишната програма за 2020 година на Министерството за култура. Проектот содржи конзервација и реконструкција на откриените содржини од античката населба Колобаиса, како и теренски археолошки истражувања.
– Оваа година беше извршена само превентивна конзервација на досега откриените остатоци од југозападното и источното обѕидие на античката населба, како и позначителни конзерваторски зафати врз источниот влез во Колобаиса (потерна) и на просторот околу неа. Имено, беа реконструирани прагот и северниот довратник од потерната, при што беа и реконструирани другите сегменти од конструктивната целина: скалила, внатрешни ѕидови, делови од северниот сегмент на источниот бедем и др.

Со овие превентивни конзерваторски интервенции, покрај првичната заштита на откриените остатоци од градбите, се создадоа и предуслови за идните сеопфатни финални конзерваторски зафати, но и реконструкција на откриените објекти и нивно ставање во функција: туристичка, заштитна и др. – вели Бранислав Ристески, советник археолог, раководител на проектот.
Со теренските истражувања започна втората етапа во сеопфатните археолошки истражувања на комплексот Трескавец, што подразбира попродлабочени културно-хронолошки проучувања засновани врз подетални теренски истражувања на клучните сегменти од комплексот: Мала Порта, Градина, Гумење и Бунар.
– Бидејќи средствата ни беа редуцирани годинашните археолошки истражувања беа концентрирани само на локалитетот Мала Порта, при што беа откриени остатоци од двете основни етапи на североисточниот бедем и источниот влез (потерна) на античката населба Колобаиса, како и делови од втората зона на манастирскиот комплекс „Успение на Пресвета Богородица“, Трескавец – вели Ристески.

Се добија сознанија дека хронолошки најстарата етапа од античката населба на овој простор се поврзува со крајот на 4 до средината на 6 век и го означува неколкукратното зголемување на опсегот на раноримската Колобаиса, како и евидентно фортифицирање на населбата.
– Освен стратиграфско-функционалните согледувања, во текот на овие истражувања беа откриени делови од градежна керамика, алатки, садови и керамика од крајот на 4 до средината на 6 век. Втората етапа на просторот е засведочена со дополнително зацврстување на бедемите и оформување на заокружен дефанзивен систем на античката Колобаиса. Типолошко-хронолошките особености на откриените наоди во интактни културни слоеви (садова керамика, алатки, градежна керамика и др.) ја определуваат оваа етапа во втората полови на 6 и првите децении на 7 век.

Втората зона на средновековниот манастирски комплекс е засведочена со откриените делови од простран архитектонски објект, изграден врз остатоците од југоисточниот бедем на античката населба, при што се констатирани остатоци од квалитетна малтерна оплата од внатрешната страна на ѕидовите, правоаголна камара и др. Врз основа на типолошко-хронолошките карактеристики на наодите (садови и градежна керамика), оваа етапа со сигурност може да се датира во втората половина на 13 и првите три децении на 14 век – додава Ристески.
Преку сумирање на резултатите, од теренските активности на археолошкиот комплекс Трескавец, може да се констатира дека е извршена неопходната прелиминарна конзерваторска заштита на откриените остатоци од градбите на античката населба Колобаиса, како и реализација на попродлабочени теренски истражувања за археолошките содржини во источниот сегмент од комплексот, на локалитетот Мала Порта.