Се е подготвено за стартот на фестивалот „Браќа Манаки“

122

Во Битола се е подготевно за денешното свечено отворање на 39 издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во градот под Пелистер веќе се чувствува фестивалска атмосфера.

Хотелските капацитети речиси се исполнети со гости и филмаџии од сите краишта на светот кои ќе земат учество, или ќе го следат фестивалот.

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи со перформансот што специјално за оваа прилика го осмисли познатиот македонски режисер Срѓан Јанакијевиќ, кој објаснуваќи го концептот на перформансот нагласува дека преку него тој ги поставува прашањата: Што е филм? Сон, огледало во кое се огледува нашата есенција, забава? или најорганизираниот бизнис кој го создаваат лудаци?

По свеченото отварање, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа, во чест на добитникот на Златна камера 300, оскаровецот Роџер Дикинс, премиерно ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049” со што всушност ќе биде означен почетокот на годинашниот фестивал „Браќа Манаки”.

Инаку на 39 фестивал, кој ќе трае до 29 септември годинава, во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани речиси 95 филмови.

Во главната програма за трите награди „Камера 300” (Златна, Сребрена и Бронзена) за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат 12 филмови по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре: „Транзит” (Германија); „Студена војна” (Полска); „Зимски муви” (Чешка); „Лето” (Русија); „Ага” (Бугарија); „Горење” (Јужна Кореја); „Фокстрот” (Израел); „Нико” (Италија); „Пепелта е најчисто бело” (Кина); „Недвижен имот” (Шведска), „Девојка” (Белгија) и хитот во САД „Црниот кју-клукс-клановец” на Спајк Ли.

Сите селектирани филмови, според селекторот на фестивалот Благоја Куновски -Доре биле селектирани на трите најголеми фестивали Кан, Берлин и Венеција и еден од Карлови Вари.

Инаку годинашен лауерат на фестивалот „Браќа Манаки“ е италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими Специјалната награда „Златна камера 300”, а на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги”.