Седум поетски остварувања во потесниот круг за наградата „Антево перо“

209

Седум поетски остварувања се избрани во потесниот круг за наградата „Антево перо“ за 2020 година и од нив ќе биде прогласена победничката стихозбирка.

На својот втор состанок, Жири комисијата за доделување на наградата во состав Венко Андоновски (претседател), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), како поетски книги кои се издвојуваат по својот квалитет ги селектираше: „Жив(отн)и песни” на Владимир Мартиновски, „Бујрум ако смееш прочитај ја тишината“ на Емељ Туна, „Остров во окото“ на Зоран Пејковски, „Потпис:Трепетлика“ на Ана Стојаноска, „Огнот наш нестишен“ испратена под шифрата „Сребрена“, „ЕДЕН МАЖ И ЕДНА ЖЕНА или како љубовта раздвојува светови“ (Интерактивна збирка) на Елена Пренџова и „Запирка“ на авторот Милена Ристова Михајловска. Редоследот на номинираните нема вредносно значење.

Наградата „Антево перо“се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски.

Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која во рамките на Манифестацијата првпат беше востановена минатата година со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети кои творат на македонски јазик и потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше: „Брадикардија“ на Филип Дракалски, „Средбата на Вулкан и Минерва“ на Георгина Петреска и „Фантомот и реката“, на поетесата Емануела Ковачевска Китановска. И во овој случај редоследот на номинираните нема вредносно значење.