Драго ми е што од ЈСП ја сфатија пораката. Пораката е: „Ајде да читаме“, вели директорот на издавачката куќа „Полица“, која во градските автобуси во Скопје ја почна кампањата „Читај на екс“

Јовe Tодоровски, издавач

Издавачката куќа „Полица“ на крајот на годинава на неколку вистински начини ја зголеми својата видливост во Скопје. Во строгиот центар на градот ја отворија првата книжарница, а ја почнаа и впечатливата кампања за читање во градските автобуси насловена „Читај на екс“.

Какви ви се првичните искуства од двата сегмента, имате ли купувачи, но и автобуски читатели?
– Имајќи предвид дека ова е првата книжарница што ја отвораме, одзивот на читателите и купувачите ги надмина нашите првични очекувања. Што се однесува до автобуските читатели, реакцијата е повеќе од позитивна, како од кампањата така и од понудените извадоци од нашите изданија. Знаете, „Полица“ сака да придонесе во надминување на очигледниот пад на бројот на читателите, не само кај нас туку и во светот. Бројот на читателите на книги е особено опаднат помеѓу младите. Се разбира, ние не можеме да ги сопреме технолошките трендови и ќе се приспособиме и на модерните начини на електронско читање преку е-читачи, но сепак, приврзаници сме и на традиционалниот убав ритуал – да земеш книга во рака. Оттаму и идејата за „Читај на екс“. Нема тука некој комерцијален успех, туку повеќе е општествена одговорност, поточно да придонесеме за одржување или развивање на вредностите и предностите на читањето.

Како се одвива соработката со јавното сообраќајно претпријатие, изненадени ли сте и вие, но и тие, од реакциите на граѓаните (не)читатели на понудените летоци со извадоци од книги закачени на седиштата во некои од автобусите?
– Самиот факт што јавното претпријатие по нивна иницијатива го зголеми бројот на автобусите каде што се ставени летоците и го продолжи периодот на времетраење на кампањата, ја покажува успешноста на нашата соработка. Драго ми е што од ЈСП ја сфатија пораката. Пораката е: „Ајде да читаме“. Ние преведуваме и издаваме квалитетни наслови. Но тоа не е доволно. Доволно ќе биде кога тие ќе дојдат до читателите. Земањето книга во рака е света и светска работа. Еден пријател ми раскажува дека неговите деца му рекле дека сега е повеќе кул да имаш книга отколку телефон во автобус. Ако ова стане тренд тогаш имаме тренд на културен и општествен успех. Дури и истражувањата во светски рамки покажуваат дека младите ги заборавија и ги отфрлија некогашните модерни киндл-читачи. Објаснувањата што ги добиле се дека книгите се убави, имаат корици, листови хартија и илустрации, а електронските читачи – пластика.

Во земјава подолг период преовладува мислењето дека не е благодарно да се трошат животот и парите во издавање и продажба на книги, а „Полица“ како издавачка дејност во рамките на Конгресниот сервисен центар постои од 2014 година. Колку сте застапени и во другите градови на Македонија и на кои се начини?
– Сите социолошки истражувања покажуваат дека во време на криза и намалување на семејниот буџет, прво нешто што трпи е културата. Целата таа ситуација, како и одливот на голем број интелектуалци и читатели надвор од границите на Македонија многу влијае врз издаваштвото во една мала јазична средина. Нашата застапеност досега беше, пред сѐ, во книжарниците на другите издавачки куќи. Застапеноста на нашите изданија и изданијата на другите издавачки куќи во другите градови во Македонија најчесто е во одредени книжарници што имаат друга намена, а не се специјализирани за продажба на книги. По отворањето на нашето прво продажно место спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“, нашата определба и стратегија се следната книжарница да биде во друг град. Засега нека остане изненадување каде ќе биде тоа. И патем, еве и јас згрешив кога реков „продажно место“, книжарниците не се „продажно место“. Тие се книжарници – митски места каде што, кога ќе влезеш во нив мириса на хартија, печатарска боја и на знаење.

Што планирате за идната 2019 година, какви наслови ќе може да се видат, но и да се купат од полиците на книжарницата?
– За 2019-та веќе подготвуваме повеќе изданија. Се радуваме на биографиите на две од најпознатите музички групи во светот, „Пинк Флојд“ и „Квин“. Таквите работи сладокусците ги сметаат за колекционерски предмети. Секако, не ги забораваме најмладите читатели. Ќе следува ново издание од интересната едиција на Џорџ и неговите космички авантури. Потоа, од печат ќе излезат и уште неколку сликовници од едицијата „Дознај и пробај“, во која веќе ги издадовме „Астрономија“, „Археологија“ и „Како да снимиш филм“. Во подготовка ни се неколку биографии на познати лица од светската политика и, секако, уште многу интересни изданија за чие објавување навремено ќе ги известиме нашите читатели.

Во непосредната близина на вашата книжарница се наоѓаат книжарниците на „Матица македонска“, „Или-или“ и „Антолог“, дали се плашите од конкуренција?
– Не напротив. Сакаме соработка. Сакаме да има катче, сврталиште во градот каде што ќе се знае – овде има фармерки, ама онде има книги. Во издаваштвото и во продажбата на книги не постои реална конкуренција. Сите издавачи имаат различни изданија, така што одлуката на читателот е кое издание го претпочита и ќе го купи. Со сите издавачи имаме одлична соработка, тие ги продаваат меѓу другото и нашите изданија, а ние ги продаваме нивните. Близината на неколку книжарници ја гледам како предност, никако како конкуренција. Тоа ни овозможува кога некој ќе сака да купи книга да знае дека на таа локација има голем избор на книжарници и ќе се упати таму. Близината ни овозможува во даден период да правиме заеднички настани, саем на отворено, сите со заедничка кампања да промовираме попусти или промоции.