Свечено отворен филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола

142
Фото: Игор Бансколиев

Со доделување на посебни фестивалски награди и признанија „Златна камера 300“, вечерва во Битола почна 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

На фестивалската сцена во Битола, италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, ја доби специјалната награда „Златна камера 300“. Таа се заблагодари за укажаната чест од фестивалскиот тим и наградата која и ја додели министерот за култура Асаф Адеми. Во чест на Кардинале, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“.

Златна камера 300 за животно дело доби британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс. Со одлука на Друштвото на филмските професионалци на Македонија, годинава наградата „Голема ѕвезда“ и беше доделена на актерката Милица Стојанова.

– Оваа награда ми значи многу затоа што се разликува играта пред камера од театарот, но е еднаква по уметничкиот предизвик, рече Стојанова, заблагодарувајќи се публиката и на сите режисери кои и пружиле можност да се сплоти со животот на разни луѓе пред камерите.

Во големата сала на битолскиот Центар за култура во тек е проекцијата на филмот „Истребувач 2049“ во чест на кинематограферот-лауреат  Роџер Дикинс, кој токму за овој филм го доби „Оскарот“ по 13 номинации.

До затворањето идната сабота под фестивалскиот слоган „Симнуваме капа“ ќе бидат прикажани 95 филма во 14 програми. Фестивалот на 29 септември ќе заврши со доделување на наградите од главната програма, а за затворањето ќе биде прикажан краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков, кој живее во САД.