Светската награда на хуманизмот одбележа 15-годишен јубилеј

70

Конференцијата по овој повод собра над 40 учесници, видни интелектуалци, универзитети и политички величини, кои го одбележаа јубилејот на наградата со која Охрид ги овенча бесмртните имиња на светската култура и наука

Зборовите на Свети Климент Охридски, вечно живиот светец на охридската духовна меморија, „со просветение до спасение“ одекнаа по сите меридијани на 19 јануари, на денот на Богојавление, на големата меѓународна онлајн конференција, насловена „Охридската школа на хуманизмот, од средниот век до денес, во Европа и во светот“. Конференцијата собра над 40 учесници, видни интелектуалци, универзитети и политички величини, кои го одбележаа јубилејот – 15 години од Светската награда на хуманизмот, со која Охрид ги овенча бесмртните имиња на светската култура и наука: Даисаку Икеда (Јапонија), Маноел де Оливеира (Португалија), нобеловците Александр Солженицин (Русија) и Херта Милер (Германија), потоа Рави Шанкар (Индија), Питер Брук (Велика Британија), Џон Ралстон Сол (Канада), Светлин Русев (Бугарија), Романо Проди (Италија), Вида Огненовиќ (Србија), Георги Старделов (Македонија) и годинашниот добитник, академик Абдулах Шарчевиќ (Босна и Херцеговина).
Конференцијата почна со изведбата на светската премиера на композицијата „Химна на Свети Климент “ од Љупчо Коскаров, со пијано-придружба на Дарко Мариновски, по што следуваше обраќањето на претседателот Стево Пендаровски, во кое тој го подвлече триесетгодишното дејствување на Охридската академија на хуманизмот, која „во современ контекст, всушност, го продолжува делото на Свети Климент Охридски“.

Модераторот на конференцијата, Жан-Патрик Конрад од Империјал колеџ, Лондон, претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, ja отвори свечената церемонија на прогласувањето на годинешниот добитник, на која беше прочитан последниот текст на академик Георги Старделов, беседата на амбасадорот Јордан Плевнеш, по што во името на Град Охрид се обрати градоначалникот Константин Георгиевски и виртуелно му ја врачи наградата на Абдулах Шарчевиќ. Од името на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина се заблагодари академик Есад Дураковиќ, како и лично академик Абдулах Шарчевиќ од својот дом во Сараево, кој подвлече дека Македонија и Охрид како духовна светлина ќе го покажуваат патот на хуманизмот во филозофијата на хуманизмот во Европа и во светот.
Во импресивната листа на учесници се слушнаа прекрасни и длабоки мисли за местото на Охрид во светската меморија на хуманизмот од страна на Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија, кој истакна дека Македонија и другите земји на Балканот треба да станат дел на Европската Унија и тоа е нејзина цивилизациска обврска, потоа на генералниот секретар на Колегиум интернациона, во кој членуваат 92 претседатели на влади и држави од Париз, Саша Голдман, кој истакна дека геополитички и духовно Охрид го зазема приматот како центар на светскиот хуманизам.
Меѓу другите истакнати учесници на конференцијата треба да се издвојат обраќањата на јапонскиот будистички филозоф Даисаку Икеда од Токио, Патриција Корбе од Вашингтон, Елена Табанова од Санкт Петербург, Педро Кудел од Лисабон, Седрик Оункепоне од Централноафриканската Република, Фредерик Фапани фон Лотринген од Париз, Теруко Јамазаки од Јапонија. Посебен придонес на конференцијата дадоа и македонските учесници: академик Катица Ќулавкова, професорот Љубомир Кекеновски и потпретседателот на филозофското друштво Љубомир Гајдов.

По предлог на Романо Проди ќе се објават и зборник и видеоиздание на конференцијата, кое ќе биде промовирано во Фиренца, каде што тој е претседател на институцијата Архив на Европската Унија. На крајот од конференцијата, Жан-Патрик Конрад го прочита апелот на хуманизмот од Охрид, кој го потпишаа сите учесници. За следната година е предвидено, по официјалната одлука на советот на Општина Охрид, да се инаугурира спомен-обележје кај Долна Порта, со имињата на сите досегашни добитници, кое е заедничко дело на Светлин Русев од Бугарија и Дарко Башески од Македонија.