Ромео и Јулија со среќен крај (или сепак не)

130

Во 1935 година, композиторот Сергеј Прокофјев (1891-1953) добил понуда што не се одбива – по 17 години живеење во странство, да се врати во Русија, да го раководи музичкиот живот и, за потребите на „Киров театарот“ од Ленинград (денешен Марински театар од Санкт Петербург), да напише дело по свој избор, кое ќе биде праизведено во чест на неговото враќање. Прокофјев се израдувал на понудата, не претпоставувајќи дека, заради случувањата што ќе следуваат, радоста нема да потрае.

Темата што ја одбрал за своето повратничко дело во татковината била Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“. Синопсисот за балетот што решил да го напише му го доверил на Адријан Пиотровски (1899-1937). Двајцата големи уметници се согласиле во желбата да дадат ново видување на најпознатата љубовна приказна што ја познава светот. Така, во оригиналната верзија на балетот, Прокофјев го направил она што човештвото отсекогаш го посакувало – на приказната за Ромео и Јулија ѝ дал среќен крај. Ромео, гледајќи ја својата сакана во рацете на смртта наместо во сопствените, решава да се прободе и да го заврши својот живот. Во намерата е спречен од фратарот Лоренс и, додека тие двајца се борат, Јулија почнува да дише. Вљубените, среќни што имаат шанса да уживаат во љубовта, почнуваат да танцуваат на ведрата музика.
Арно ама…

Во 1936 година, пред да успее балетот со среќен крај да ја израдува публиката, културниот живот во Русија го надвиснал темен и злокобен облак. Во Сталиновите чистки (во кои повеќе од милион луѓе биле прогонувани, а 600.000 го загубиле животот) настрадале многу уметници, пријатели на Прокофјев, меѓу нив и Пиотровски. Раководствата на театрите ги презеле Сталиновите послушници, кои го креирале репертоарот според подобноста на авторите и нивните дела и, за жал, „Ромео и Јулија“ бил тргнат настрана. Праизведбата се одржала дури во сезоната 1939/1940, во изменета (и цензурирана) верзија, без среќниот крај.

Иако успехот на балетот ги надминал и најоптимистичките очекувања, иако до ден-денес е една од најчесто поставуваните претстави на сите балетски сцени во светот, може само да жалиме по изгубената можност Ромео и Јулија да бидат среќни заедно, засекогаш.

Лада Шоптрајанова Петровска