Ромео и Јулија во седум осмини

63

Балетот „Лабин и Дојрана“ одамна не се изведува, но оркестарските свити од него го живеат својот живот во концертните сали

Диригентот и композитор Трајко Прокопиев (Куманово 1909 – Белград 1979) е еден од основоположниците на македонската национална музика, првиот директор на Музичкото училиште во Скопје, долгогодишен директор на „Танец“, основач на воениот хор, еден од основачите на Македонската филхармонија. Автор е на повеќе композиции, меѓу кои најпопуларна, а и историски најзначајна е „Лабин и Дојрана“, првиот македонски целовечерен балет. Темата на балетот е љубовта меѓу Лабин и Дојрана, македонските Ромео и Јулија. Легендата вели дека убавата Дојрана, вљубена во овчарчето Лабин, во еден крајезерски град бива грабната од Џемо арамбашата. Решена да се избори за својата љубов, Дојрана му избегала на грабнувачот, го пронашла Лабин и заедно се удавиле во водите на езерото, за да бидат соединети во смртта, кога веќе не можеле во животот. Според оваа легенда, Дојранско Езеро го добило своето име, исто како и балетот на Прокопиев, премиерно изведен на 11 јуни 1958 година во Македонскиот народен театар во Скопје. Балетот бил поставен под диригентската палка на авторот, а во кореографија на Александар Доброхотов и Олга Милосавлева.
Во „Лабин и Дојрана“, Прокопиев му останал верен на својот стил, лирски и длабоко елегичен. Одлика на неговата музика е прекомпонирањето или цитирањето на традиционалните македонски народни песни и игри, кои вешто ги комбинирал со класичниот музички јазик. Карактеристичните непарни ритми од македонскиот фолклор доминираат во целокупното творештво на Прокопиев, па и во „Лабин и Дојрана“. Овој балет, за жал, одамна не се изведува, но оркестарските свити од него го живеат својот живот во концертните сали. Мене особено драга ми е Свитата број 2, која ја свирев на мојата прва турнеја во Италија, пред речиси четврт век. Во „Театро ди Сан Карло“, раскошната оперска куќа во Неапол, како грмотевица звучеше седумосминскиот ритам, создавајќи надреален спој меѓу нас, музичарите на сцената и егзалтираната публика.

Лада Шоптрајанова Петровска