„Романса“ со врвната виолинистка од Кореја, Сојанг Јун

55

„Романса“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Филхармонијата, кој ќе се одржи в четврток, на 18 април, со почеток во 20 часот. Како солистка ќе се претстави врвната виолинистка од Кореја, Сојанг Јун, која ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар од Јоханес Брамс. Сојанг Јун, добитничка на престижни награди, која се смета за една од најдобрите виолинистки на новата генерација, првпат доаѓа во Скопје.

Диригент на концертот е извонредниот Михал Нестерович од Полска, а оваа вечер ќе биде изведена и прекрасната Петта симфонија од англискиот композитор Ралф вон Вилијамс, која ќе ја доживее македонската премиера.

Изведбите на виолинистката Сојанг Јун, која е една од водечките виолинисти и камерни музичари на својата генерација, се опишани од критиката како „високодисциплинирани“ („Грамофон“), или „техничка совршеност, која секогаш е во служба на музиката“ („Гардијан“). Сојанг Јун е добитничка на први награди на престижните натпревари „Јехуди Мењухин“ и „Хенрик Виењавски“, како и на сребрен медал на натпреварот во Индијанаполис. Како солист настапува со водечки оркестри меѓу кои: Германската филхармонија на Бремен, Оркестарот на Елбфилхармонијата, Рускиот национален оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Берн, Симфонискиот оркестар на Трондхајм, Камерниот оркестар на Цирих итн., соработувајќи со музичари како: Кшиштоф Пендерецки, Ивор Болтон, Кшиштоф Урбански, Мухаи Танг, Максим Венгеров и Михал Нестерович.

Сојанг Јун живее во Базел и Сеул, а се образовала на Националниот универзитет за уметност во Сеул со Захар Брон, на Универзитетот за музика и танц во Келн и на Универзитетот за уметности во Цирих. Свири на виолина изработена од Џ. Б. Гвадањини во 1773 година, позната и како „Бикебург“.