Романот „Ереб“ од Урсула Познански на македонски

74

Романот „Ереб“ е дел од проектот на „Бата прес“ под мотото „Време е за книга“, со кој наскоро ќе бидат објавени 10 мегапопуларни книги за млади од реномирани европски автори од различни земји

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик се објави романот „Ереб“ од познатата австриска писателка Урсула Познански. Објавувањето е поддржано од Европската Унија и од Министерството за култура, во рамките на проектот „Креативна Европа“. Романот „Ереб“ е дел од проектот на „Бата прес“ под мотото „Време е за книга“, со кој наскоро ќе бидат објавени 10 мегапопуларни книги за млади од реномирани европски автори од различни земји. Проектот беше прифатен во ЕУ во силна меѓународна конкуренција. Визионерската цел на проектот е времето поминато по социјалните мрежи и на електронските уреди, младите да го заменат со читање книги во печатена или во електронска форма.
Станува збор за светски бестселер, кој досега е преведен на 36 јазици. Романот од германски го преведе Катерина Јосифовска.

– „Ереб“ е компјутерска игра. Таа те набљудува, разговара со тебе, те наградува, те проверува, ти се заканува… Ник е опседнат со „Ереб“, играта што во неговото училиште се пренесува од рака на рака. Правилата се многу строги: секој има само една можност да одигра. Притоа мора да биде сам и за „Ереб“ не смее да зборува со никого. Кој ќе ги прекрши овие правила или нема да ги исполни задачите, отпаѓа од играта и повеќе не може да почне пак. Најнеобичниот дел е што задачите на „Ереб“, мора да се исполнат не во виртуелниот, туку во вистинскиот свет – пишува германско-австрискиот издавач, најавувајќи го првиот дел на романот.

Стилот на пишување на Познански стана многу привлечен за сите генерации, иако најмногу ги привлекува младите. На многу интересен начин ги обелоденува социјалните и психолошките предизвици, како и опасностите со кои се соочува човештвото при вмрежувањето на модерниот електронски, виртуелен свет, со реалниот. Романот е наградуван повеќекратно со високи признанија. Урсула Познански е родена во 1968 година во Виена, Австрија. Авторка е на повеќе познати прозни дела и детски книги, но исто така пишува и филмски и телевизиски сценарија.