Редици за автограм од Милчо Манчевски во Тајпеј

99

Час и половина чекаше тајванската публика во 20-метарска редица за автограм од режисерот Милчо Манчевски. Салите беа преполни и во тајванските медиуми имаше голем одглас азиската премиера на „Врба“ на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван, еден од најголемите фестивали во Азија.

Манчевски е автор во фокусот на фестивалот, и покрај премиерата на „Врба“, како ретроспектива прикажани се и неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.

По првиот ден имаше толку ловци на автограми што следните вечери организаторите подготвија посебна локација со биро и асистенти за редот на вљубеници во филмовите на Манчевски.

По премиерата на „Врба“, Манчевски имаше долга сесија прашања и одговори со публиката која искрено се возбуди од филмот, а следниот ден тој одржа и долг мастерклас во преполна сала.

По повод неговата ретроспектива во Тајпеј, Синдикатот на филмски режисери на Тајван организираше и средба на Манчевски со нивното раководство и со младите режисери.

Куриозитет на престојот на Манчевски во Тајпеј е средбата со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија Златниот лав.

– Многу ми беше мило, не сме се виделе од Токио во 2001. И двајцата почнавме да правиме понеконвенционални филмови во меѓувреме, јас „Мајки“, „Бикини Мун“ и „Крајот на времето“, тој перформанс-филмови и филмови кои ги прикажува во музеи наместо во кино-сали. Си пуштавме парчиња од филмовите во прогрес на ајпед, се смеевме и шегувавме – вели Манчевски за средбата со неговиот колега и пријател Цаи Минг-Лианг.

По премиерата, „Врба“ имаше уште две проекции на фестивалот, а по три проекции имаа и неговите филмови во ретроспективата. Проекциите на „Врба“ беа одлично прифатени што можеше да се забележи преку долгите аплаузи и комплиментите.

Манчевски за првпат лично присуствува на фестивалот во Тајпеј, но неговите филмови се многу познати и ценети во оваа земја, а по „Пред дождот“ во 1995, сите играле и на фестивалот и во редовната кинодистрибуција во Тајван. Тие се редовен дел од наставата на филмските академии и други факултети во Тајван, а авторот има култен статус како уметник кој на оригинален и особен начин го поима и го третира времето во неговите филмови.