Раскошниот импресионизам

393
Клод Дебиси

Во втората половина на 19 и на почетокот на 20 век музиката во Франција се развивала во две насоки: првата, која се темели на творештвото на Цезар Франк (1822-1890) и неговите ученици и следбеници, била (успешен) обид за обнова на француската музика. Втората насока имала многу поголем одзив низ Европа, а тоа е музичкиот импресионизам.

Импресионизмот е гранка на доцниот романтизам. Секаде каде што се појавил донел многу новини, кои, пред сѐ, се огледуваат во свежината на изразот, во внесувањето револуционерен и темелно нов дух. Во поезијата се јавува под терминот „симболизам“. Симболистите ги напуштаат традициите во поезијата – избегнувајќи да пишуваат за материјалното, за опипливото – тие во сѐ наоѓаат тајни пораки, скриени значења и неразбудени емоции, се пробиваат во длабоките внатрешни душевни збиднувања. Импресионистите во ликовната уметност исто така ги избегнуваат јасниот израз, чистите линии и контурите. Главно изразно средство се склоповите на бои – тие не ги мешаат боите за добивање нијанси, туку ги нанесуваат една до друга. Боите, всушност, се мешаат дури во окото на гледачот и така ја создаваат импресијата.

Музичкиот импресионизам оди во истиот правец во кој одат книжевноста и сликарството. Доаѓа до напуштање на широките, јасни мелодиски линии карактеристични за романтизмот. За изразно средство импресионистите ги користат хармонијата (целосно нова и свежа) и формата (пишуваат кратки композиции – минијатури, во кои се гледа избегнувањето повторување на темите). Делата се програмски, со индивидуализиран и субјективен музички јазик, со раскошни бои и содржајност на изразот. Музичкиот импресионизам во Франција носи конечно оттргнување од превласта на Вагнеровите традиции и внесување целосно нов музички јазик. Најзначаен претставник на музичкиот импресионизам е Клод Дебиси (1862-1918).

Оваа приказна е дел од мојата матурска работа, пишувана пред многу години. Во она време, импресионизмот беше близок до мојата душа. Сѐ уште е. На животот и творештвото на Дебиси се навраќам постојано. Одново и одново ги преслушувам неговите дела. Кога бев матурантка, омилена негова композиција ми беше „Потопената катедрала“, која го претставува музичкиот импресионизам во сиот раскош и блескава убавина.

Лада Шоптрајанова Петровска