„Разговори во четири очи“ на МНТ на „Московски ноќи“

89

Македонскиот народен театар со претставата „Разговори во четири очи“ ќе гостува на 6-от интернационален театарски фестивал „Московски ноќи“, кој од денеска до 9 октомври ќе се одржува во митишчанскиот театар за драма и комедија „Фест“ во Русија. Претставата е по текст на Ингмар Бергман, адаптацијата е на Тамара Барачков, а режисер на претставата е Нина Николиќ.

Македонската претстава ќе биде изведена утревечер, во 19 часот, во театарот „Фест“ во градот Митишчи, кој се наоѓа во московската област во Русија. Програмата на фестивалот содржи уште шест претстави од руски театри и една претстава од Казахстан.

„Разговори во четири очи“ е копродукција меѓу Македонскиот народен театар и продуцентската куќа „Скопје филм-студио“. Премиерата на претставата беше во декември 2015 година на Малата сцена на Македонскиот народен театар. Оттогаш, гостуваше на повеќе театарски фестивали во Русија, Словачка, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и во Македонија.

Главниот лик во претставата (Ана Бергман) го игра актерката Амернис Нокшиќи-Јовановска, а во другите улоги настапуваат: Нина Деан, Петар Арсовски, Дамјан Цветановски, Дарја Ризова, Катина Иванова и Благој Веселинов. Продуцент е Томи Салковски, костимографка Ивана Каранфиловска-Угуровска, а сценографијата е на Сања Аврамоска.