Публиката виде повеќе од 50 нови филма на скопскиот фестивал

706

Годинава на фестивалот имаше две големи премиери: на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“, во режија на Владимир Блажевски, и на документарниот филм за Шабан Трстена, „Кобра“, во режија на Игор Иванов-Изи

Со проекциите на филмовите „Самит“, „Диви момчиња“ и „Пеперутки“ заврши годинашното, 21. издание на „Скопје филм фестивал“.
– И на ова успешно издание на публиката ѝ донесовме богата и разновидна програма: повеќе од 50 нови филма, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап. Тие беа распоредени во програмите Фокус на француски филм, Програма на авторски филм, Програма на европски филм, Панорама на светски филм, Квир-фокус, Кратки филмови, Македонска продукција и Ретроспектива на Алфред Хичкок, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии. Селектори на програмите беа Татјана Јаневска, Навид Сарем, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров – велат организаторите.
Годинава на фестивалот имаше две големи премиери: на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“, во режија на Владимир Блажевски, и на документарниот филм за Шабан Трстена, „Кобра“, во режија на Игор Иванов-Изи.

– Исто така, нашата публика имаше можност да ја види скопската премиера на краткометражниот филм „Види ја ти неа“, кој победи на престижниот фестивал „Санденс“, на режисерот Горан Столевски, како и уште неколку премиери на кратки македонски филмови на режисерите Милиана Ленак, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, Батухан Ибрахим и Ханис Багашов. Исто така беа прикажани и филмовите „Последните камбани“ на Николче Поповски и „Македонскиот Дон Кихот“ на Константин Плевнеш – велат од „Скопје филм фестивал“.
Оваа година од Турција дојдоа режисерот Мајкл Ондер, Јосеф Еревчик Амадо, продуцент, актерите Кенан Ече, Дамла Сонмез, Берк Хакман, Емре Јетим и Незих Чихан, а од Франција гостуваа селекторот Навид Сарем, кој ги избра филмовите од програмата Фокус на францускиот филм, режисерите Леа Мисиус и Кристоф Режин и продуцентката Фани Ивоне. Тие одржаа работилници и одговараа на прашања на публиката.

Од оваа година, „Скопје филм фестивал“ започна со реализација на новата програма Квир-фокус, во која беа прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Селектор на оваа програма беше Александар Ковачевски. Во рамките на оваа програма се одржаа и промоција на книгата „За засрамените геј-мажи“ и предавање и дискусија со Станимир Панајотов и Жоао Флоренсио за квир-кинематографијата.
Во рамките на годинашново издание на скопскиот филмски фестивал се одржа работилница за снимање нискобуџетен филм со режисерот на „Таксим холден“, Мајкл Ондер и со продуцентот на филмот, Јосеф Еревчик Амадо. Работилница „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“ одржаа француските режисери Леа Мисиус и Кристоф Режин и продуцентката Фани Ивоне.
„Скопје филм фестивал“ за својата публика подготви ретроспектива на големиот Алфред Хичкок, во чии рамки беа прикажани филмовите „Туѓинци во возот“, „Ребека“, „Заден прозорец“, „Психо“ и „Птици“.