Вечерва со почеток во 19 часот, во Клуб-ресторанот МКЦ во Скопје, во организација на фондацијата „Славко Јаневски“, ќе се одржи промоција на капиталното дело „Село зад седумте јасени/Стебла“ од овој писател и првиот број на списанието за култура и општествени прашања „Архив Јаневски“. Идејата на фондацијата е и со оваа промоција да направи напор да го смести делото на Јаневски онаму каде што природно припаѓа, во 21 век.

„Село зад седумте јасени“ е официјално првиот македонски роман, објавен во 1952 година и оттогаш поради разни причини не е повеќе реобјавуван сѐ до појавата на ова издание. Славко Јаневски во еден момент се откажува од авторството на романот и во 1965 година го објавува романот „Стебла“ како втора верзија од „Село зад седумте јасени“. Во ова издание на фондацијата се поместени двата романа, така што тоа претставува уникатна можност да се споредат двата романа и да се протолкуваат мотивите на контроверзната одлука на Јаневски, но секако е и единствена можност македонската јавност уште еднаш да го препрочита темелот на современата македонска литература.

На промоцијата ќе стане збор и за стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски што се паѓа во 2020 година и плановите на фондацијата за одбележување на овој значаен настан на македонската култура.