Промоција на „Погледи низ времето“ од Киро Кипроски

590

Антологиската книга новинарски текстови на Киро Кипроски не е само обичен „Поглед низ врмето“ туку и архива што сведочи за нас. Ако минатото сведочи за нас, делата сведочат за авторот“, рече Блаже Миневски, писател и новинар, на промоцијата на монографијата, јубилејна десетта по ред, што се одржа во Гостивар.

Ова е јубилејно десето книжевно дело на Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство и публицист, кој над половина век другарува со перото и со фотоапратот и е ревносен хроничар, жива енциклопедија за настаните од февруари 1968 година, кога почнува да соработува со „Нова Македонија“, како постојанен хонорарен дописник за подрачјето на Гостиварска општина, која се простираше од тетовското село Жеровјане до мијачкото село Лазарополе.

Во монографијата, во осум глави (Вдахновение, Животопис, Незаборав, Политика и Економија, Репортажи – патописи, Култура, Опачина на животот и Спорт), се сместени нешто повеќе од 180 текстови, кои обработуваат теми од сите области на нашето секојдневие застапени во сите новинарски жанрови и илустрирани со црно-бели и колор фотографии на авторот.

Промоторот Миневски на прашањето што сам си го постави што е крактеристичен белег во неговиот новинарски профил, објасни. „Во сите негови текстови, дури и оние на спортот, се чувствува силна емоција кон она што го соопштува. Всушност, би рекле, нема дистанца меѓу пишувачот и напишаното. Затоа неговите текстови се топли, искрени, сочувствителни и над се добронамерни, со вградена интимна нишка, како сето она за што пишува, секој за кого што пишува да му е најважен на светот, како да му е другар или близок пријател“.

Промоторката проф. д-р Светлана Велјановска, за монографијата на Кипроски, меѓу другото истакна: „Секоја случајна или намерна средба Киро Кипроски со специфична умешност и користење на богатството на македонскиот литературен јазик успева да ги преточи во читливо четиво кое со задоволство го читаат читателите на „Нова Македонија“, долги години наназад, но и слушателите на Радио Гостивар, како и читателие на други списанија и весници со кои соработувал“.

Промоцијата беше збогатени со настапот на Трио Кладенец, од тетовското село Теарце, кои изведоа неколку изворни народни македонски песни.