Издавачката куќа „Антолог“ организира промоција на книгата „Го силувавме ежот“ од македонскиoт писател и хуморист Марјан Анѓеловски, која ќе се одржи утревечер, во 20 часот, на малата сцена на Универзалната сала. Промотор на книгата ќе биде рецензентот Игор Ивковиќ. На промоцијата ќе биде изведен и дел од драмската претстава работена според книгата, во која, покрај самиот автор, настапуваат и Јасмин Рамани, Петра Ивановска, Сара Николовска, Ивана Стамевска, Огнен Велевски, Ристе Мицевски, Александар Јовановски, Елена Ѓорѓевска.
„Го силувавме ежот“ е драмски наратив во кој преку дејствувањето на главните ликови и развојот на нивната љубовна приказна Анѓеловски го апострофира „лудилото“ на власта, сатирична драма за апсурдното владеење на еден современ режим во рамките на демократско општество, раскажана преку љубовна приказна меѓу млад новинар и проститутка. По овој драмски текст е работена истоимената претстава од училиштето за театар „Од игра до претстава“ во 2017/2018 година.
Марјан Анѓеловски пишува и настапува низ земјава и низ Балканот со хумор, сатира и стендап-комедија. Неговите афоризми досега се објавувани во: „Остен“, „Јеж“, „Носорог“, „Макс Минус“, „Вечерни новости“, „Политика“, „Пулс 24“ и други весници, списанија и електронски портали низ Балканот. Застапен е и во неколку антологии на балканскиот и на македонскиот афоризам.