Промоција на „Веселата зграда“ од Ана Голејшка Џикова и Драш

115

Промоција на новата книга за деца „Веселата зграда” од авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторот Драган Китановски – Драш, ќе се одржи утре (9 октомври) во книжарницата „Литература.мк” на улицата Македонија со почеток во 18:30 часот.

Сликовницата, која е во издание на „Либи”, дел од „Арс Ламина – публикации” преку веселите стихови на поетесата Голејшка Џикова и разиграните илустрации од графит-артистот Драш, ни раскажува за жителите на една зграда со седум ката. Во неа, кат по кат, нè запознава со: учителката во пензија Ката, Молња и Громче, елекричарот чичко Ват, Јасна, Перо и нивниот мачор Неро, со младиот сликар, магичната Вера, кученцето Луна и семејството гулапчиња.

– Живеам во зграда со прекрасни соседи, кои се баш како од сликовница. И има многу весели моменти, средби меѓу катови, заедништво. Ми беше важно тоа што ќе го напишам и испратам до најмладите читатели, да е едукативно, но и да звучи весело и ритмично. Како што е и самата зграда. Има седум песнички со по три стихови, седум ката, кои се претставени како мини-приказни, животот на секој од соседите. Маало меѓу корици. За да бидат така живописни и складни на она што јас си го замислив, огромна улога имаа илустрациите на Драш, другар и уметник на кој сум му бескрајно  благодарна што ги ‘оживеа’ сите – вели Голејшка Џикова.

Во време кога оттуѓувањето е прифатено за нормално, книгата говори за нешто сосема спротивно и е поблиска до времето во кое порано се растеше, кога соседите се сметаа за поблиски од роднини.

– Ова е најточна констатација што и самата ја извлеков кога сфатив дека за мене зградата не е само точка на домување, туку симбол на заедница, солидарност, живеење со разменетото „добро утро“ во влез, позајмување чинивче шеќер, чување точаци сите заедно врзани на гелендерот во мезанин… Време на доверба и едноставни човечки односи. Пораката е токму таква – дека живеењето во зграда е заедништво, грижа едни за други. Најмалку е отуѓување. Причина  плус за создавањето на оваа книгичка е тоа што цел свој живот го поминав во руска мала петкатница, а сега живеам во исто така мала зграда со сопругот и ќерката. Малку катови, а многу приказни низ нив – додава Голејшка Џикова.

Промоцијата ќе започне во 18:30 часот со работилница за деца, на тема „Обој ја својата весела зграда”, на која дечињата ќе дадат свое, шарено видување на зградата од приказната на Ана и Драш. Во продолжение ќе следува официјално претставување на книгата со авторката и илустраторот.