Промовиран „Инаетчијата Јов“, нов роман на Нове Младеновски

59

Најновото прозно дело на Нове Младеновски, кој е роден во селото Иванковци (1955), близу Велес, а живее и твори во Австралија, има одредница како автобиогравски роман.

Авторот пишува во трето лице во името на митскиот Јов, а всушност како трајна трага за себе ги запишува своите животни врвици. Токму овие карактеристики неговиот најнов роман под наслов „Инаетчијата Јов“ го одвојува од неговите романескни остварувања „Измешани светови“ (2011), „Одблесоци од вечноста“ (2015) и „Круша горница“(2016) во кои се испреплетува реалното и имагинарното, како карактеристика на егзистенцијта што ја проповеда Алберт Ками.

Промоцијата се случи вчера во Салонот за уметност во Велес каде извадоци од романот читаше Виолета Сековска, придружувана од прекрасните звуци на кавалот на Стевче Стојковски.

– Нове Младеновски со романот „Инаетчијата Јов“ ги потврдува на достоинствен начин авторите откорнатици, кои на макенски теми и на македонски литературен јазик создаваат на сите континенти во светот. Дводомните автори, секако, се најстарата категорија и денеска најинтригантна група творци кои токму со употребата на мајчиниот јазик уверливо потврдуваат како се сакаат, почитуваат и бранат сопствените иднтитет, непокор и јазик. Секако книжевноста пред се е естетска вредност, но никако притоа не треба да биде запоставен фактот на моралниот чин како однос кон националната припадност од сегашноста во челичниот синџир со минатото и иднината. Тоа беа теми и мотиви кои го преокупираа и исполнува творечкиот свет на Младеновски во неговото севкупно книжевно творештво. Со леснотија и читлив јазик, здрава мисла и доследна идеја, со патриотски идеал создава страници од литература за тоа што сме биле, кои сме сега и какви треба да бидеме во иднинам – ќе напише рецензентот Васил Тоциновски.

– Во оваа моја најнова новела или краток роман како фундаментална тема на приказната е земена болеста рак. Современиот Јов, како еден вид паралела со оној Јов од Библијата, води лична борба со оваа болест. Нерамноправна борба, обременета со внатрешни трауми, стравови и неизвесности до крајот на животот – елементи кои се на спротивна страна од радоста, среќата и убавината на секојдневниот човечки живот. Нашиот Јов е олицетворение на жилавоста на животот на потребата да создаде семејство, да се живее и да му се радува на животот. Потсвесниот страв од повторно јавување на болеста е мотивациската сила што Јов го гони до крајот на животот да биде „нормален“ како останатите луѓе. Оваа книга не е рецепт за преживување, меѓутоа може да биде рецепт за оптимизам, за верба и за надеж. Животот е еден и неповторлив. Радоста како состојба на духот не ги решава сите проблеми меѓутоа на животот му дава пријатен вкус- порача во своето обраќање авторот Нове Младеновски.

На крајот од делото како прилог поместен е изворникот „Многу патишта-една цел ЗДРАВЈЕ“, чии потписници се Велика Младеновска и Нове Младеновски што претставува аргумент повеќе за автобиографскиот карактер на ракописот. Јов од Светото писмо беседи за себе, за оној другиот од родното село, домот и семејството, за нежното и болежливо детуле со дарба за книга и учење што претставува поттик до читателот да се прочита последниот роман „Инаетчијата Јов“ на Нове Маденовски.

М.М.