Промовирана енциклопедијата „Кинески мозаик“

62

Илустрираната енциклопедија „Кинески мозаик“ од Виктор Урумов деновиве беше промовирана во книжарницата „Литература.мк“ во издание на „Арс ламина – публикации“, а меѓу другото беше најавена како мала книга за голема земја, за нејзиното минато и за тоа што претставува денеска Кина.

– Многумина ми го поставија прашањето зошто книга за Кина. Пред сѐ, зашто при проучувањето на оваа далечна земја имав тешкотии да најдам соодветна литература на македонски јазик. Бројот на книги за Кина кај нас е мал, особено за современа Кина, а изданијата од други земји често имаат интонација карактеристична за средината од која потекнуваат. Се согласувам со констатацијата: „Ако имаш проблем да најдеш добра книга на сопствениот јазик, на тема што те интересира, седни и напиши ја“. Тоа и го сторив. „Кинески мозаик“ е лексикон за Кина од А до Ш.

Референтни извори собирав во целиот тек на работата, почнувајќи од средината на 2016 година – откри меѓу другото авторот на книгата, чија главна содржина е претставена во облик на енциклопедиски речник, Урумов.

Промотор на „Кинески мозаик“ беше академик Витомир Митевски, кој истакна дека таа е правена според високи професионални стандарди.

– Оваа книга ја доживувам како уште еден патоказ што упатува кон нашето отворање кон големиот свет. Само тоа сестрано и промислено стратегиско отворање кон целиот свет за нас е навистина без алтернатива. Од оваа причина сметам дека оваа книга на проф. Виктор Урумов, покрај основната информативна порака, ја содржи и онаа, скриена порака на здравиот разум, која води сметка за иднината на нашите поколенија – рече меѓу другото Митевски. Виктор Урумов, кој дипломирал на Московскиот државен универзитет, а магистрирал и докторирал на Универзитетот во Манчестер, беше редовен професор по физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје како и декан на Факултетот за физика.