Пролетна школа за социјализмот како културно наследство

116

Социјализмот е наш маркер, историја, сеќавања, камен на сопнување, голема фрустрација. Нашите општества сè уште го носат товарот на социјализмот на своите плеќи. Светот сè уште нѐ идентификува како постсоцијалистички, изјави раководителот на школата, Љупчо С. Ристески, професор на Институтот за етнологија и антропологија

Пролетната школа „Социјализмот како културно наследство. Општество, култура, сеќавања“ ќе го одржи своето петто, годинашно издание со променет термин, но и онлајн, поради пандемијата на ковид-19. Таа започна вчера и ќе трае до 26 септември. Оваа година организатори на школата партнерски се Македонското студентско етнолошко и антрополошко друштво и Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
– Првпат таа е финансиски поддржана од Министерството за култура, што оди во прилог на фактот дека во нашето општество, особено кај креаторите и финансиерите на културните политики се препознаени значењето и важноста на ваквите школи во преосмислувањето важни општествено-историски, економски, воопшто културни вредности каков што е, да речеме, во случајов, социјализмот. Најширокиот фокус на школата е да се гледа на социјализмот како наследство, културно наследство што допрва треба да се открива и да се преиспитува. Социјализмот како идеологија и филозофија постои и се развива повеќе од еден век, а во практика како социјален и политички систем беше доминантен во Југоисточна Европа речиси 70 години (поранешен СССР) или речиси половина век (поранешна СФРЈ, Бугарија, Албанија, Чехословачка, Полска, ДДР).

Во други земји во светот, социјализмот сѐ уште е актуелен социо-економски и политички систем (НР Кина, Куба, Виетнам, Лаос). Земјите и луѓето во регионот во кој живееме денес биле сведоци на животот во текот на социјализмот. Социјализмот е наш маркер, историја, сеќавања, камен на сопнување, голема фрустрација. Денес, колку што е социјализмот наша историја, тој е исто толку и нашата сегашност. Нашите општества сè уште го носат товарот на социјализмот на своите плеќи. Светот сè уште не идентификува како постсоцијалистички! – изјави раководителот на школата, Љупчо С. Ристески, професор на Институтот за етнологија и антропологија.
Тој посочи и дека на отворениот повик за учество се пријавиле 37 учесници од десетина земји од Европа, што претставува нивно повеќекратно зголемување во споредба со претходните години.

Меѓународниот научен и советодавен комитет на Пролетната школа го сочинуваат, освен Љупчо С. Ристески, и професорите Маргарита Карамихова од Бугарија, Алики Агелиду од Грција, Вјеран Павлаковиќ од Хрватска и Арманда Кодра Хиса од Албанија. Таа содржи курсеви за: антрополошки пристапи кон разбирање на социјализмот; култура, економија и општество на социјализмот како културно наследство; методологија на истражување и техники на терен и визуализирање на социјализмот.