Продава уметнички дела што не може да ги види

103

Приказна за слепиот галерист

Новите мемоари на влијателниот берлински галерист Јохан Кониг раскажуваат за тоа како слепилото го научило да препознае добра уметност

Кога галеристот Јохан Кониг го продал своето прво дело на возраст од само 21 година, тој имал една тајна што неволно ја споделил со својот клиент. Со сериозно оштетен вид, како резултат на несреќен случај, Кониг едвај можел да ги дефинира контурите на сликата што ја разменувал за 4.500 евра.

– Колку сериозно би сфатиле некој што не може да го види уметничкото дело што се обидува да ви го продаде? Тој страв секогаш беше во заднината на моите мисли. Секогаш мислев дека некој ќе ме открие – вели Кониг за весникот „Гардијан“.
Но во она што тој го нарекува „мемоари за самооткривање“, објавени во Германија месецов со наслов „Слепиот галерист“, Кониг тврди дека неговата попреченост била клучот на неговиот успех, кој го ужива од почетокот, охрабрувајќи го да развие јасна лична идеја за тоа што ја сочинува добрата уметност и овозможувајќи му да води индустрија што лесно може да „маѓепса“ и со својот светкав екстериер да ги води луѓето во погрешна насока.

Роден во Келн во 1981 година, Кониг пораснал во уметничко семејство. Неговата мајка Еда била глумица и илустраторка, претходно венчана со режисерот Вим Вендерс, а неговиот татко Каспер бил куратор, кого весникот „Зидојче цајтунг“ го нарече „основач на германската поствоена авангарда“. Неговиот вујко Валтер е водечки продавач и издавач на уметнички книги, сликарот Жерард Ричер бил кум на свадбата на неговите родители, а Енди Ворхол и Дејвид Хокни биле редовни гости во нивниот дом.

Но несреќата што се случила на негова 12-годишна возраст му го пресече пристапот на Кониг до визуелниот бизнис што го направи неговото семејство популарно. Играјќи си со рибарски текчиња и барут од пиштол за почетници во својата тинејџерска соба, тој случајно предизвикал експлозија што сериозно ги оштетила неговите две очи. Но неговото слепило не значело дека светот околу него станал сосема црн.
– Всушност, гледам темна ’рѓосана кафена боја, мешавина од црвена, кафена и црна, и мали кратери што изгледаат како да се движат. Видот дејствува како да сакаш да погледнеш од внатрешноста на твоето тело, но удираш во непробивен слој. Гледаш како твојот вид е заклучен внатре во твоето тело – пишува тој во својата книга.
Наспроти советот на неговото семејство, Кониг ја започнал својата мала галерија во Берлин кога имал само 21 година, специјализирајќи ја за концептуална уметност и звучна инсталација. Се пробил со делото на данскиот скулптор Јепе Хејн, кое се состои од моторизирана метална топка што ја руши внатрешноста на галеријата во моментот кога посетител влегува во изложбениот простор.

По трансплантацијата на рожница на неговото лево око во 2009 година, видот на Кониг се подобрил драматично, но неговиот однос со визуелната уметност останал претпазлив.
– Во почетокот бев неверојатно привлечен кон јаки слики – вели тој.
Првата изложба што ја поставил по операцијата вклучувала димензионално големи дела со силни, неизмешани акрилни бои од уметницата Катарина Гросе.
– Но останав скептичен. Постојат слики што се неверојатно примамливи, но даваат ветувања што не можат да ги одржат. Се трошат во својата убавина. По мојата операција видов навистина значајни дела, како „Писоарот“ на Дишан или Пикасо, но тие дејствуваа многу маргинално. Она што може да се види не е толку одлично, барем не за мене – вели Кониг.

Во последните години, видот на Кониг повторно се влоши, затоа што ендотелните клетки што ја поврзуваат внатрешната површина на неговата рожница не успеаја да се регенерираат. Набргу тој ќе проба очила што проектираат снимки од мала камера директно зад рожницата.
Неговата галерија, сместена од 2015 година во црквата „Св. Агнес“, дизајнирана од модернистичкиот архитект Вернер Дитман во 1960-тите години, сепак се етаблирала како една од највлијателните германски адреси во уметничкиот свет, со список на уметници што ја сочинуваат добитничката на наградата „Тарнер“, Хелен Мартин, годишен обрт од 20 милиони евра и нов „Лондон аутлет“, кој минатата година беше отворен во една гаража во Мерилбону.
За да компензираат за својата попреченост, пишува Кониг во својата книга, слепите луѓе честопати се способни за необичен степен на внатрешна концентрација и зајакната перцепција.

Критичарите ја пофалија способноста на 37-годишниот галерист да ги шпионира суетите на уметничкиот свет и да ги натера да работат во негова корист. Галеријата, која лежи речиси точно на географскиот центар на германската престолнина, беше домаќин на модни ревии, како и на уметнички изложби, продава облека и „сувенири“ направени од неговите уметници, фотографски курирани на неговиот инстаграм-профил. Во пресрет на британското гласање за напуштање на ЕУ, галеријата на Кониг објави колекција на качулки во сината боја на знамето на ЕУ, но една жолта ѕвезда недостига од кругот.

За неколку недели, „еунифај худи“ се распространија по најпознатите хипи-галерии во Берлин, а во февруари годинава дури и 73-годишниот ветерански дипломат Волфганг Ишингер беше виден како ја носи качулката во текот на отворањето на Минхенската безбедносна конференција. Во пресрет на европските избори во мај, германските политичари од централнолевичарските социјалдемократи, зелените, централната десничарска партија на Ангела Меркел ги носеа качулките на постерите за кампањата. Сепак, Јохан Кониг сега се загрижува дека овој потег на неговата галерија може да ја поткопа својата првична намера.

– Сакавме да ја искористиме нашата достапност до помладите генерации дека не можете да го земете безграничното патување низ Европа здраво за готово. Но кога еден водечки политичар ја носи нашата ЕУ-качулка на ТВ-реклама, тоа на некој начин го убива кул-факторот за миг – вели тој.