„Природата предупредува: Будни ли сте?!“ изложба на отворено во Слоештица

73

В сабота, 21 септември, на уметничкото гумно во село Слоештица, ќе се слават уметноста и природата. Имено, тема на годинешната уметничка резиденција во „Арт Поинт-Гумно“ е „Природата предупредува: Будни ли сте?!“. Преку уметноста, пораки за заштита на природата и планетата Земја испраќаат уметниците: Иштван Ерос од Унгарија, Дик Робертс од САД, Сашо Н. Алушевски од Македонија, Џесика Флеминг од Германија и Естер Шабак од Словачка.

Инспирирани од исклучителното природно богатство на горно-демирхисарските планини коишто, за жал, не се поштедени од глобалните климатски промени, уметниците, преку своите дела, протестираат и провоцираат во име на природата.

Со овие активности, „Арт Поинт – Гумно“ се приклучува на „Глобалната недела на акција за климатските промени: 20-27 септември 2019“.

Изложбата ќе биде поставена на отворено и во галеријата на гумното, единствена од таков вид на Балканот, а поставката ќе може да се види во текот на целата година.

Љубителите на уметност што ќе го посетат Отвореното студио во сабота, во периодот од 12 до 20 часот, ќе имаат можност и лично да се запознаат со уметниците.

Уметничката резиденција „Арт Поинт – Гумно“ 2019 е делумно поддржана од Министерството за култура.