Прилепскиот Музеј утревечер ги отвора вратите за посетителите

933

Прилепскиот Завод и Музеј се вклучува во манифестацијата „Ноќ на музеите“. Утревечер од 19 часот па се до 1 по полноќ, по повод денот на музеите ќе бидат отворени шесте објекти на Заводот и Музеј во Прилеп. Ова денеска го соопшти в.д. директорот на прилепската институција Благоја Атанасоски. Посетителите ќе можат да ги посетат Меморијалниот музеј 11 Октомври, спомен куќите на Кузман Јосифоски Питу и на Блаже Конески, Музејот за тутун, Галеријата на икони и Археолошката поставка.

-Посетеноста не е како што ние сакаме, и затоа побаравме со допис до Министерството за образование да се зголеми соработката со училиштата. Исто така сакаме Музејот за тутун да го дислоцираме во градот, бидејќи сега не е постојано достапен – изјави на денешната прес конференција Атанасоски, при тоа потенцирајќи дека Заводот и Музеј располага со големо вредно културно наследство – предмети, археолошки материјал, икони.

Моментно стручните кадри во институцијата работат на повеќе проекти.

-Интензивно се врши реконструкција на конаците на Трескавец, а во фаза на изработка се проекти за црквата, трпезаријата, магерницата. Набрзо ќе започнат археолошките истражувања на Стибера, што е долгорочен проект, се работи на евиденција на икони. Годинава ќе се работи на конзервација на живописот на селската црква во Зрзе, проектот за живописот во манастирот во с. Манастир, во Мариово, како и препокривање на спомен куќата од Блаже Конески. Имаме проблеми со изведбата на објектот Илинден во Крушево, за што е известено Министерството за култура, бидејќи е многу значаен проект – посочи Атанасоски.

Ка.М.