Прилепскиот музеј има жртвеник стар осум илјади години

207

Еден од највредните експонати на Завод и музеј – Прилеп во археолошката поставка е жртвеникот пронајден на локалитетот Врбјанска Чука кај селото Славеј, стар околу 8.000 години, кој во оваа институција од овој локалитет е пренесен во далечната 1982 година

Во 2011 година беше извршено реновирање на археолошката поставка во Завод и музеј – Прилеп и таа денес претставува една од најзначајните во земјата. Станува збор за археолошка поставка во која е изложен движен археолошки материјал од времето на неолитот, енеолитот, бронзено и железно време, античкото Македонско Кралство, Римската Империја и завршува со рана и доцна Византија. Посетителот може да види многубројни експонати изработени од глина, камен, коска, стакло и метал како и неколку скулптури и надгробни стели.
Меѓутоа, еден од највредните експонати во поставката е жртвеникот пронајден на локалитетот Врбјанска Чука кај селото Славеј, стар околу 8.000 години, кој во оваа институција од овој локалитет е пренесен во далечната 1982 година.

Според археологот Александар Миткоски, локалитетот Врбјанска Чука кај селото Славеј е поголема вештачка тумба со приближно кружна основа, пречник од околу 200 х 180 метри и висина од 2,80 метри, која била оштетена со ископување земја и со градежни активности, поради што во периодот од 1979 до 1989 година Завод и музеј – Прилеп презел археолошки истражувања. Со истражувањата е откриена среднонеолитска населба што припаѓала на регионалната културна група Велушина – Породин. Локалитетот бил користен и подоцна, во доцноантичкиот, односно средновековниот период. Во рамките на истражениот дел потврдени се две градби, од кои едната означена како Куќа 1 целосно е истражена.

Куќа 1 е ориентирана во правец северозапад – југоисток и имала две фази на градење, односно во првата е со димензии девет на 12 метри, додека во втората фаза тие изнесуваат 11 х 13 метри. И во двете фази градбата била составена од идентични конструктивни елементи: дрвена арматура, цепени штици хоризонтално поставени, врз кои од двете страни налепен е лепеж од земја помешан со плева. Подот од градбата бил од набиена земја, делумно прекриен со остатоци од гареж, додека во внатрешноста не се пронајдени никакви прегради. Низ целиот простор откриени се фрагментирани или целосно сочувани керамички садови, мали земјени кугли за праќа, керамички тегови, жртвеници од типот на масичка и орудија од животински коски. Покрај северозападниот ѕид на градбата 1 откриен е уникатен објект, кој според начинот на градење и димензиите претставува единствен од овој вид на просторот на Република Македонија, но и пошироко на Балканот.

– Жртвеникот претставува сложена конструкција составена од поголем четириаголен простор со димензии 2 х 2 метри, со влез од југоисток, заоблени задни агли и во низа поставени четири помали правоаголни реципиенти, ориентирани во правец на југозапад. Височината на ѕидовите изнесува од 0,76 до 0,88 метри, дебелината од 0,18 до 0,28 метри, додека подот од набиена земја е со дебелина од 0,05 метри. На ѕидовите од објектот се забележува начинот на градењето со лепење повеќе слоеви глина еден врз друг. Посебно внимание привлекуваат масивните скалести украси што се наоѓаат на двата предни агли, како и на североисточниот ѕид. Овие украси најблиска паралела имаат во сличните украси околу прозорците на моделите на куќи и кај малите куќни жртвеници од типот на масичка, со скалесто профилирани нозе, откриени на среднонеолитските населби во Пелагонија. Во внатрешноста на поголемиот четириаголен простор од објектот пронајден е еден таков мал куќен жртвеник, како и повеќе фрагментирани керамички садови. Странично се поставени четирите правоаголни реципиенти, градени во слична техника како и поголемиот четириаголен простор. Нивната вкупна должина изнесува два метри, а имаат средна висина од околу 0,25 метри, додека дната им се на различни нивоа. Во нив не се пронајдени некои посебни наоди, но во внатрешноста се забележува горење – вели Миткоски.

Опишаниот објект во рамките на градбата 1 бил подигнат на поширока платформа, со што се издигнувал од основата. Неговите димензии, декорацијата, како и централната поставеност во градбата, сугерираат дека тој имал репрезентативен карактер. Зад него се пронајдени голем број керамички садови, кугли за праќа, орудија од камен и животински коски, додека југозападно од него откриена е концентрација на мноштво речни школки.
– Според димензиите и формите на садовите, тоа биле садови за носење течности и за складирање жито. Градбата со овој објект најверојатно имала култна намена, односно претставувала централно светилиште во служба на жителите од среднонеолитската населба на локалитетот Врбјанска Чука – раскажува Миткоски, притоа истакнувајќи дека овој значаен објект во однос на начинот на кој е реконструиран е предизвик за секој посетител да дознае повеќе за неговата историја и е вреден експонат во археолошката поставка.