Прикажан последниот филм на Гарванлиева „Тетовски самрак“

1295

Во „Чифте-амам“ е отворена и фотоизложбата „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“, на која се прикажани портрети од сопружниците Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер, кои претставуваат своевиден тестамент на нивната љубов во време на смрт

На втората вечер од одржувањето на годинешното, јубилејно издание на фестивалот „Македокс“ во „Куршумли-ан“, очекувано, големо внимание привлече проекцијата на последниот документарен филм на режисерката Билјана Гарванлиева (1973 – 2016) и нејзиниот сопруг Мануел Цимер, „Тетовски самрак“, чиј снимател е исто така Цимер. Монтажата на филмот е на Сашко Потер Мицевски, автор на звукот е Дарко Бошковски, а на музиката Оливер Јосифовски. Овој филм, кој со големо внимание беше проследен на платото пред Музејот на Македонија, е последниот на прерано починатата режисерка Гарванлиева, кој потоа беше и довршен од страна на нејзиниот сопруг, кој присуствуваше на проекцијата заедно со најголем дел од протагонистите што за оваа пригода дојдоа и од Тетово, каде што филмот беше и снимен. „Тетовски самрак“ ја опишува состојбата на една генерација што плови меѓу надежта и стварноста, истовремено поставувајќи прашања од реалниот живот во услови на безнадежност.

Фестивалската публика пред почетокот на проекцијата имаше можност да го проследи и отворањето на фотографската изложба „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“ во „Чифте-амам“, каде што се прикажани портрети од Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер, кои претставуваат своевиден тестамент на нивната љубов во време на смрт. Имено, кога овие двајца документаристи дознале дека на Билјана ѝ е дијагностициран смртоносен рак, таа одлучно застанала спроти сопствените стравови за смртта.

– Гледајќи ги стравовите в очи, заедно со сопругот Мануел размислиле за тоа како болеста би се одразила врз нивниот, но и врз животите на нивните деца. Овие размисли се впишани во дванаесетте портрети на сопружниците направени со дигиталниот метод на т.н. „проширена реалност“. Во согласност со низата размисли, сопружниците го поканиле и медиумскиот уметник Тим Дојсен да направи серија од нивни портрети, кои се создадени по примерот на една мината серија портрети направени од уметникот Јован Балов, кога Билјана и Мануел се преселиле во Берлин. За време на личната голгота, сопружниците ги документирале миговите од својот живот во форма на звук, видео, текстови или фотографии. Билјана починала. Сепак, нејзиниот уметнички дух, кој се соочил со најкревкиот и најболниот период од животот на секој човек, продолжил да живее, поттикнувајќи го создавањето на оваа изложба – стои меѓу другото во каталогот.