Признанијата може да задоцнат, претставите не смеат

157

Владимир Милчин, добитник на награда за животно дело

Tеатарскиот режисер Владимир Милчин e добитник на годинешната награда за животно дело, што му беше доделена на отворањето на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Во својата богата биографија на сцената на МНТ постави 17 драмски претстави и еден балет. За режијата на „Обесеник“ ја добил првата награда на „Војдан Чернодрински“; за режијата на „Мизантроп“ од Молиер ја освои „златната маска“ на МЕСС во Сараево. „Соблазна во долината на свети Флоријан“ од Цанкар, во негова режија, беше прикажана во Москва, Ленинград, Киев и во Братислава. Во Народниот театар во Битола поставил 12 драмски претстави. И соработката со Турската драма е успешна, „Лудиот Ибрахим“ беше прогласена за најдобра претстава на „Чернодрински“. Во Албанската драма поставил осум претстави од кои четири учествуваа на МЕСС. Во Националниот театар во Тирана, во 1996 година, Милчин ја поставил „Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер. Во Националниот театар во Приштина поставил четири претстави. Добитник е на Стериината награда за адаптацијата на „Дервишот и смртта“. Милчин режирал и во Зеница, но и во театрите во Прилеп, Куманово и Струмица. Во последниве пет години тој режираше во Театарот за деца и младинци. Добитник е на наградите „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“.

Лауреат сте на годинашниот „Војдан Чернодрински“. Можеби е клише, но сепак што за вас значи ваквото признание?
– Признанијата можат да дојдат навреме, можат да задоцнат или воопшто да не дојдат. Претставите се тие што не смеат да задоцнат. Доколку задоцнат, претставите се безначајни. А доколку тие се безначајни, признанијата и наградите се само храна за суетата.

Вие сте режисер што многу дал за театарот. Што значи да се биде со и во театарот, да се создава, да се креира уметност?
– Неопходно е да живееш со отворени очи за светот во кој живееш. Не само да гледаш и слушаш, туку и да се обидуваш да разбереш каде и кога живееш и работиш. Да го сместиш во некаква временска (историска) рамка и со своите претстави да го интерпретираш. Сето тоа можеш и мораш да го направиш за да го освоиш правото да се обидеш да го менуваш светот со своите претстави. Режијата ниту е лесна ниту комфорна професија. Таа е бреме.

Што ви беше инспирацијата низ годините, со оглед дека сте создавале врвни претстави од кои секогаш се извлекувале значајни пораки?
– Повеќе го сакам зборот предизвик. А предизвици во светот во кој живее(в)ме има(ше) доволно. Неколкупати моите претстави предизвикаа жестоки реакции од „чуварите на вистината и моралот“. Политичари, попови, полицајци, малограѓани… Сите оние што се препознаваа во моите претстави. Театарот е огледало на светот, огледало што нè потсетува на вечната борба меѓу боговите и верниците, владетелите и бунтовниците, крвниците и жртвите. Светот во кој живееме е предизвикот, светот каков што е, светот што одново се лизга низ бездната. Човештвото не памети. Затоа театарот е тука за да го освежи памтењето. Секоја претстава е страдање. Неизвесност дали ќе ги придобиеш актерите за своите идеи, слики, звуци, дали ќе успееш да ги вовлечеш во претставата што само ја наѕираш на почетокот. Дали заедно ќе ја надминете рутината што го убива театарот е прашањето што ме мачи од првата проба. Авантура полна со неизвесност, што се разрешува дури на премиерата. Одново и одново, страдање проткаено со многу возбуда.

Има ли напредок во македонскиот театар, каде сме во европски рамки?
– Немам одговор на ова прашање. Немам комплетен увид во театарската Европа, а немам комплетен увид ни во театарската Македонија. Трендот на постмодернизмот несомнено заврши. Заврши и времето на оптимизмот. Светот како да се подготвува за трета светска војна. Што ќе ни донесе национализмот? Фашизмот ни тропа на портите. Сталинистите се полни со пари. Има ли театарот одговор на ова? Мислам дека претставите што го пронашле своето време се само исклучоци.