Претстава на нашиот режисер Оливер Мицевски премиерно во Кан

177

Претставата „Зимска рамноденица“, работена по текст на познатиот драматург Роланд Шимелфенинг (еден од најизведуваните драмски автори во Германија и еден од најоригиналните гласови денес, со продукции во над 40 земји во светот), а во режија на нашиот млад театарски режисер Оливер Мицевски, вечерва премиерно ќе биде прикажана во театарот „Александар Трети“ во Кан, Франција. Мицевски е основач на независниот театар „Театар на покрив“ во Будимпешта, специјализиран за претстави што се изведуваат исклучиво на англиски јазик. Го основал заедно со група унгарски театарски работници, со кои, како што вели, ја делат идејата дека градот Будимпешта, како европска крстосница и туристички центар, има потреба од театар со репертоар на претстави на англиски јазик.
Сценографијата и костимите за претставата „Зимска рамноденица“, пак, се дело на македонската уметница Жанета Вангели.
На божиќната вечер Бетина и нејзиниот сопруг Алберт не се среќни. Мајката на Бетина, Корина, останува кај нив за празниците, што е необично затоа што таа со себе го носи и странецот што го запознала во воз… Во претставата играат Џои Кромптон, Родерик Хил, Зуса Загер и нашата актерка Сара Климоска.
Минатата година за оваа претстава на Мицевски, особено за актуелноста на текстот, пишуваше британски „Гардијан“, по изведбата на текстот во театарот „Оранџ три“ во Лондон. Според весникот, текстот е длабоко радикален по форма – дијалозите, сцената и описот на карактерите прават оваа претстава да се гледа како микс на театар, филм и новела.

Жанровски станува збор за комедија со остар хумор.
– Соработката со режисерот Оливер Мицевски на претставата „Зимска рамноденица“ за мене претставуваше една вистинска креативна авантура, почнувајќи од обмислување на сценографијата, на реквизитите и на костимите. Беше вистински предизвик да се создаде еден амбиент со неопаганистички елементи, кој не е претенциозен, но сепак е комплексен, отворен за интерпретации и многузначен, да се создаде амбиент, каде што за емпатијата нема место – вели Жанета Вангели за работата на оваа претстава.
Според неа, слободниот дух на режисерот бил крајно стимулативен за реализација на една ликовна инсталација, која би можела да функционира дури и самостојно.
– Перформативниот и партиципативниот карактер на оваа претстава максимално ја доближува до идејата за гезамткунстверк (уметничко дело што користи повеќе различни форми) – сон на секој (пост)медиумски уметник. Забележителен за мене е модифицираниот завршеток на ова драмско дело, кој отстапува за една (многу значајна) нијанса од оригиналниот текст. Тоа е крај што ги враќа верата и надежта во светот на општа имплозија на идеологиите – посочува Вангели.