Претставата „Ничија земја“ утревечер гостува во БИХ

685

Претставата „Ничија земја“ од МНТ утревечер ќе се одигра во театарот Зеница во склоп на овогодинешниот XVII фестивал на босанскохерцеговската драма и авторскиот театар Зеница 2018 година, кој ќе се оддржи од 6 до 14 мај под мотото „Ex Ponto: Каде е моето место?“. 

Ова не е прво гостување на „Ничија земја“ надвор од сцената на матичната куќа, оваа претстава гостуваше на фестивалот Охридско лето 2017 година. Во делото на Данис Тановиќ станува збор за војната што се случи во деведесеттите години на дваесеттиот век во границите на поранешна Југославија.

Во претставата играат: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска, Никола Стефанов.

Покрај фестивалската премиера на Босанско народно позориште Зеница „Рамна плоча“, во главната натпреварувачка програма, по пат на селекција, се и претставите: „Ничија земја“ на Македонски народен театар, во режија на Александар Морфов, (која ќе се одигра на 8 мај), „Книгата на моите животи“ во продукција на Камерен театар 55 Сараево, а во режија на Сабрина Беговиќ, „Нема да биде крај на светот“ во продукција на Народно позориште Мостар, во режија на Аднан Лугониќ, „Зрењанин“ од Народно позориште „Тоша Јановиќ“, во режија на Борис Лијешевиќ „Jedvanosimsoboakalomistobo“, во режија на Алеш Курт, Народно позориште РС Бања Лука ќе настапи со „Нашите денови“, во режија на Југ Радивојевиќ.

Според селекторот на фестивалот, Неџат Фејзиќ, критериумите беа пред се претставите да имаат високи професионални стандарди, мерка на естетски остварувања, целовитост на сценскиот чин, театарска уверливост на сценскиот “глас”, да го зборуваат современиот театарски јазик, театарски поетики кои зборуваат сценски приказни што сите нас не засегаат, кои имаат уметнички, општестени и интелектуални амбиции на озбилен општествено ангажиран театар чија естетика секогаш повикува на етика, со еден збор: да творат жив театар.