Претставата „Лажговци“ и манифестација „Недела на театарот“ за 70 години театар „Војдан Чернодрински“

65

Со премиерна изведба на претставата „ Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски  од понеделник започнува одбележувањето на 70 години од формирањето на театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. По повод јубилејот, ќе се одржи манифестацијата „Недела на театарот“ со која освен премиерата на „Лажговци“ и проектот „Move the beat with Actors and The Hounds“ ќе бидат прикажани уште пет други претстави од тековниот репертоар на театарот. Ова беше посочено на денешната прес конференција во театарот.

– Со премиерата „Лажговци“ по текст на Антониј Нелсон, во режија на нашиот долгогодишен соработник, пријател, човекот кој многу претстави направил во нашиот театар Коле Ангеловски ги започнуваме активностите за одбележување 70 години театар „Војдан Чернодрински“. Завесата на театарот била подигната на 18 февруари 1950 година со претставата „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајловски. Покрај премиерата од 18 до 23 февруари секојдневно ќе имаме настани – рече на денешната прес конференција Рубинчо Белчески, директор на ЦК „Марко Цепенков“.

Режисерот Коле Ангеловски на кого ова му е 36. претстава со прилепскиот ансамбл посочи дека „Лажговци“ е комедија во која дејствието се случува на ден пред Нова година.

– Хуморот и ситуациите во црната комедија се темелат врз едно недоразбирање, една трагична ситуација, при што се преплетуваат лаги, измислици, недоразбирања. Претставата е сосема поинаква од сите други што сум ги правел до сега во овој театар. Мислам дека публиката ќе ужива и ќе гледа – изјави Коле Ангеловски.

Во вторник 18 февруари пак во рамките на манифеставијата „Недела на театарот“ љубителите на театарската уметност ќе можат да го проследат музичкиот перформансот „Move the beat with  Actors and The Hounds“, каде што актерите ќе пеат заедно со групата The Hounds и ќе приредат една убава музичка вечер.  

– Ќе се случи нешто за прв пат. Една комбинација на уметниците од градот ако можам така да наречам. Мислам дека нема ништо поубаво од тоа кога самите ќе се поддржиме и ќе создадеме нешто неповторливо и уникатно. Насловот на овој настан е „Move the beat with  Actors and The Hounds“, да се помрднеме од ова наше денешно живеење, проживување, живуркање, битисување и едноставно да го славиме животот. На наше големо задоволство и среќа овој проект го правиме во соработка со веќе добро познатите The Hounds. Нашата цел беше да покажеме нешто што го носиме како генерација, еден поинаков сензибилитет – изјави актерката Даниела Иваноска.

Во 70 години, театарот „Војдан Чернодрински“, кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 350 премиери и околу 7.000 претстави кои ги гледале над 1,5 милиони луѓе.

Ка.М.